| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија станува се поатрактивна за странски туристи

 скопје

Субвенциите за привлекување странски туристи, намалениот ДДВ за туризмот од 18 на 5 отсто и евтините авио летови ја прават Македонија се поатрактивна за странските гости…

155 милиони денари годинава ќе бидат распределени на туроператорите кои ќе донесат странски гости во земјава.

– Со понудата на Владата за субвенционирање на нашите партнери од странство тоа ни помогна многу заради тоа што ние во поголем број можеме да увезуваме странски туристи. Агенциите излегуваат со пониска цена и тоа секако е еден стимул и предизвик на странските туристи да ја посетуваат нашата земја – вели за МТВ, Сузана Зелениковска, туристички агент.

На 15-тина светски саеми меѓу кои Лондон, Мадрид, Истанбул и Берлин – се прикажуваат убавините на нашата земја која сега станува подостапна и со евтините авио летови. Следниот месец стартуваат воздушните конекции за Париз, Брисел и Франкфурт.

– Ако субвенционирате, тоа значи помагате. Домашните туроператори најдоа математика да ги дадат нето цените, а да ја задржат само субвенцијата и во договор со партнерите да излезат со поконкурентна цена. Но, не се тука само субвенциите. Промотивните материјали, давањето услови за ниско буџетни компании, давањето можност за други компании да покажат можност да отворат линии кон Скопје сето тоа допринесува  – објаснува туристичкиот водич, Бранко Босилков.

Статистиката говори дека минатата година за 15% пораснал бројот на странските, а за 6% бројот на домашните гости.  – Комуницираме преку пишани медиуми, онлајн, преку телевизија, сите маркетинг алатки ги користиме за да ја испромовираме Македонија. Организираме патувања, носиме туроператори, носиме новинари за да ја запознаат Македонија одблизу и со потенцијалот што таа го има – вели Маја Глигорова од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Изминатата година Македонија ја посетиле околу 400 илјади туристи, најмногу од Турција, Холандија, Грција, Бугарија и Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top