Македонија го изработи Третиот национален план за климатски промени со што стана првата земја во регионот што има изработено трет ваков документ. Во него се содржани препораки и мерки за приспособување кон климатските промени и обезбедување зелен развој на локално, државно и регионално ниво.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој е и претседавач на Советот за одржлив развој, енергетската политика и политиката на здрава животна средина се еден од приоритетите на македонската Влада.
– Прашањето за климатските промени и одржливиот развој се високо на политичката агенда на Владата. Ефикасната и амбициозна цел за заштита на животната средина претставува суштински дел за модернизацијата на економијата на локално, државно и регионално ниво. Свесни сме за предизвиците во оваа област кои произлегуваат од нашиот кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ и посветени сме на исполнување на обврските – истакна вицепремиерот Пешевски.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски оцени дека документот претставува чекор напред во зголемувањето на клучните сознанија за подготвеноста на државата да се справи со предизвиците од климатските промени.
– Квалитетот на самиот документ е на многу високо ниво и ги покрива сите аспекти поврзани со климатските промени кои се специфични за Македонија. Тематските извештаи се резултат на сеопфатни анализи кои ги правеа релевантни научни и стручни институции како што се Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали на МАНУ и УХРМ, релевантни експерти помогнати од стручни лица од министерствата. А изработката на документот за сите поглавја беше следена и финално одобрена од Националниот комитет за климатски промени – посочи Темелковски.
Третиот национален план за климатски промени е усвоен од страна на Владата на 27 јануари годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.