
Секцијата на млади во Сојузот на синдикати на Македонија денеска организираше трибина на која претставници од Министерството за труд и социјална политика ги промовираа новите мерки за поттикнување на вработување на младите, влијанијата од истите и нивните очекувања.
Претседателот на млади во ССМ Лидија Наскоска појасни дека Сојузот на синдикати посебно секцијата на млади дава приоритет на борбата против невработеноста и потикнувањето на вработувањето за младите.
– И покрај тоа што во моментов е намалена невработеноста за 10 проценти, сепак во групата на невработени, голем процент зафаќаат младите. Од тие причини, за секцијата за млади при ССМ е од големо значење реализацијата на пакетот на мерки кои одат во насока на потикнување на вработувањето за младите – рече Наскоска.
Посочи дека целта е да се пренесат мерките до младите и што е можно повеќе да се применат каде што истите би добиле практична реализација.
– Ова е почеток на една кампања што ќе ја води секцијата на млади во Сојузот на синдикати на Македонија низ повеќе градови во државава каде заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе реализираме повеќе активности преку кои ќе се овозможи младите луѓе да влезат во процесот на реализација – истакна Наскоска.
Новите мерките кои ќе им се презентираат на младите се однесуваат на вработување кај познат работодавач, мерката за практиканство и мерката за самовработување.
Виолета Димитриева од МТСП појасни дека мерките меѓу кои е и новата за практиканството, предвидува три месеци практиканство и шест месеци субвенционирано вработување. Оваа мерка ќе им овозмож на младите до 29 години приоритет во вработувањето кај
соодветниот работодавач.
Целната група која може да ги опфати овие мерки се околу 40.000 млади невработени до 29 години кои се наоѓаат на евиденција на Агенцијата за вработување, од кои 20.000 се активни баратели на работа а останатите се изјасниле дека се пасивни баратели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


