Кривична пријава поради постоење основано сомнение дека сторила пет кривични дела измама заработи 41-годишната А.М. од Скопје.
Имено, минатата година на 31 октомври и на 6 декември, лицата Ј.К., С.С., С.Ѓ., Ј.М. и И.Д. отишле во туристичка агенција за тикетинг сервис и консалтинг „ТСЦ АИР Травел“ во Скопје, со намера да уплатат шест, односно четиридневен туристички аранжман во хотел „Лаки“ во Банско, Р.Бугарија, за нив и за членовите на нивните семејства.
Во агенцијата, пријавената, која се претставила како сопственик, им понудила аранжмани во наведениот хотел за сума од 16.000 до 48.546 денари, во зависност од нивните потреби и бројот на лицата. Откако ги прифатиле понудените услови, таа им издала „пријави/договори за патување“, потпишани од нејзина страна и заверени со печат од агенцијата, а воедно се договориле на нејзин телефонски повик повторно да дојдат и да извршат уплата на предвидените парични средства.
По извесен период, ги повикала и им кажала да извршат уплата на предвидените парични средства за туристичките аранжмани кои ги договориле и откако ги уплатиле им издала фискални сметки со потврда каса-прими и „ваучери“ за хотелско сместување во наведениот хотел и тоа за шестдневни аранжмани на лицето Ј.К. за уплата на 22.097 денари, лицето С.С. за уплата во два наврати во износ од 48.546 денари, лицето С.Ѓ. за уплата на 34.685 денари, Ј.М. за уплата на 17.484 денари, која уплата ја извршил нејзиниот пријател С.Ѓ., и за четиридневен аранжман на И.Д. за уплата на 14.731 денари и уплата за повратна карта за превоз во износ од 4.675 денари.
Кога на 13 јануари годинава лицата отишле во туристичката агенција со намера да проверат дали е потврдена резервацијата, пријавената А.М. ги убедувала дека аранжманот е платен преку „П-Груп“ од Пловдив, Р. Бугарија, и притоа на оштетениот Ј.К. му издала нов ваучер под ист број и датум за наводно полуксузни услуги, под изговор дека агенцијата го чести. Пред да заминат од агенцијата, оштетените лица од „газдарицата“ А.М. го побарале факсот од хотелот, за што таа видно се вознемирила и повикала обезбедување од агенцијата за да интервенираат и да ги отстранат од објектот, при што истите на мирен начин го напуштиле објектот, а таа ги убедувала дека сѐ е платено и дека сѐ ќе биде во ред.
Следниот ден, оштетените со сопствен превоз отишле во Р.Бугарија и кога во хотелот ги приложиле ваучерите рецепционерката им кажала дека за тие аранжмани, од „ТСЦ АИР Травел“ од Скопје имало уплатено за два дена престој и доколку сакаат да останат повеќе, ќе мора поединечно за секое лице да доплатат дополнителен износ во зависност од аранжманот, инаку во спротивно нема да им бидат издадени соби.
Тогаше увиделе дека се измамени и за да не се враќаат веднаш, одлучиле да ја извршат доплатата, за што од страна на хотелот им биле издадени фактури, при што Ј.К. доплатил дополнителен износ од 272 евра, С.С. 537 евра, С.Ѓ. 436, Ј.М. 272 евра и И.Д. 136 евра.
По ова, оштетените дополнително се информирале дека „ТСЦ АИР Травел“ во Скопје од 14 јануари е затворена, при што на вратата од објектот пишувало дека се на „колективен одмор“, а додека пријавената воопшто не се јавувала на телефонски повици.
На 22.01.2014 година, во СВР Скопје од страна на сите оштетени лица се поднесени кривични пријави, против А.М. сопственик на туристичка агенција „ТСЦ АИР Травел“ Скопје, под сомнение за сторени кривични дела измама, со што ги оштетила за вкупен износ од 111.789 денари.
По преземени мерки и активности, направен е обид за вршење проверки во туристичката агенција на ул.„Орце Николов“, но утврдено било дека истата не работи и на влезната врата имало натпис „колективен одмор“.
По доставено барање до Централен регистер на РМ, добиена е информација со прилог тековна состојба од 24.01.2014 година со историјат со промени и историјат на банкарски сметки, во кои е видно дека А.М. е сопственик и управител на правното лице, додека од Министерство за економија е добиено известување дека од увидот во Регистарот на туристички агенции утврдено е дека туристичката агенција„ ТСЦ АИР Травел“ Скопје со седиште во Скопје има лиценца „Б“ за вршење туристичка дејност и е заведена во Регистарот од 15.07.2013 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Падна уште еден функционер на СДСМ во Прилеп: Присвоил над 8 милиони денари
-
Лажен доктор му понудил помош и му зел пари – Скопјанец остана без 12.000 денари
-
Тетовка измамила пет лица за 2 500 евра: Лажела дека е пријателка на Оливер Спасовски и нудела работа во јавна администрација
-
Тетовка ветувала вработувања во администрација, пет лица останале и без пари и без работа


