| четврток, 6 декември 2018 |

Зголемени субвенциите за извозните земјоделски култури

zelencuk

Од средината на месецов се до крајот на мај, земјоделците ќе можат да се пријавуваат за годинашните субвенции. Секој земјоделец што сака да добие дел од колачот од 140 милиони евра помош од државата ќе мора претходно да ги намири сите обврски што ги има кон Јавното претпријатие за пасишта, кон Министерството за земјоделство на име кирии за државното земјиште и кон други агенции и правни субјекти. Исто така сите фармери што имаат промени во површините што ги обработуваат потребно е истите да се евидентираат во ФАРМ-регистерот до 15 март. Годинава прв пат се воведува и новината на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита и животна средина, односно без нивно исполнување земјоделците нема да може да добијат субвенции, пишува Дневник.
Експертите велат дека годинава субвенциите ќе имаат развојна компонента, односно повеќе пари ќе добиваат сите фармери што ќе вложуваат во примарното производство.
– Согласно со Националната програма, земјоделците ќе добијат повеќе пари. Целите на стратегијата се зголемување на конкурентноста на нашите производи на странските пазари, односно зголемување на извозот кај одредени култури. Програмата е развојна и повеќе пари има за раноградинарските култури, за лозарството и овоштарството. Следните години повеќе ќе се обрне внимание на сточарското производство, особено на млекото. Од в година ќе се плаќа по квалитет на млекото што се предава во преработувачките капацитети – вели Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје.
Според него, во следните години субвенционирањето ќе биде насочено кон производите од кои државава е увозно зависна.
– Директната поддршка ќе биде насочена кон земјоделски производи за кои одвојуваме најмногу пари. Целта е да се зголеми производството во тие сектори – велат агроекономистите.
Земјоделците се задоволни од зголемувањето на субвенциите за следната година. Велат дека најзадоволни се од парите што ги добиваат за тутунот.
– Знаеме веќе извесно време дека годинава има повеќе пари за нас. Добро е што за тутунот без разлика на количината што сме ја произвеле добиваме по 60 денари за килограм, што е олеснителна околност за оваа култура, која секоја година с` повеќе се одгледува. Задоволни сме и од тоа што од в година посебно внимание ќе се посветува на „добрата земјоделска пракса“, односно дека повеќе пари ќе добијат фармерите што повеќе вложуваат во самото производство – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.
Годинава земјоделското производство ќе се субвенционира со 140 милиони евра. По категории, за финансиска поддршка на растителното производство се предвидени 51 милион евра, а сточарското производство ќе се субвенционира со 32,5 милиони евра. Во делот на мерките за дополнителна поддршка на земјоделството во кои спаѓаат заштита на земјоделско земјиште, премии и осигурувања, помош во сточарскиот сектор, материјални трошоци за спроведување на програмата, помош за одделни категории носители на земјоделско стопанство, се предвидени 3,2 милиони евра.

Освен субвенциите, земјоделците беа поддржани преку интензивно доделување земјоделско земјиште што е државна сопственост, ослободување или намалување на данокот на добивка и преференцијални социјални плаќања, како и со обезбедување бесплатни советодавни служби, велат во ресорното министерство.
Kако посебно значајни мерки за поддршка на земјоделците во последниот период се издвојуваат и напорите на владата за поддршка на формирањето кооперативи, зајакнување на договорното производство и почнување на важните политики на консолидација на земјоделското земјиште.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top