Новите власти во Украина објавија дека на земјата и се неопходни 35 милијарди американски долари странска помош во следните две години. Украинското министерство за финансии во понеделникот побара да биде организирана меѓународна донаторска конференција и првата финансиска помош на Украина и’ е неопходна најдоцна за две седмици. Покрај тоа, министерот за енергетика, Едуард Ставицки, изрази надеж дека цената на рускиот природен гас што ја постигна сега соборениот претседател Виктор Јанукович нема да се менува.
Откако ланскиот ноември Јанукович го суспендираше потпишувањето на Спогодбата за придружување со ЕУ правдајќи го тоа со катастрофалната економска ситуација во Украина, што беше поводот за масовните демонстрации кои политички резултираа со неговата политичка смена по три месеца, во декември потпиша договор со Русија во вредност од 15 милијарди долари од кои веднаш беа исплатени три милијарди, како и за намалување за повеќе од третина на цената на рускиот природен гас. Меѓутоа, втората транша од заемот од Москва во висина од нови 2 милијарди долари, уште не е исплатена, како поради нестабилната ситуација во земјата, така и поради тоа што и по намалена цена Украина направила долг кон Русија во висина од неколку милијарди долари .
Европската унија досега на Украина и нудеше помош во заем во износ од 610 милиони евра, што Јанукович го оцени како „мајтапење”.
Извори од рускиот државен енергетски гигант „Газпром” тврдат дека засега компанијата нема намера да ја врати старата цена за гасот за Украина. „Меѓутоа, таа одлука не е во доменот на Газмром”, рекол еден од изворите за Reuters.
Украина од 2009 година го плаќаше рускито гас по цена од 400 долари за илјада кубни метри. Русија во декевмри 2013 година таа цена како финансиска помош договорена со владата на Јанукович и Азаров ја намали на 268,5 долари, но поради развојот на ситуацијата, односно веќе почнатите масовни протести во Киев во договорот има клаузула дека цената е подложна на квартални измени. Украина во 2013 година увезла од Русија 26 до 27 милијарди кубни метри гас. Годинава планира да увезе 30 до 33 милијарда кубни метри, во најголем дел пак од Русија.
-Последните два дена имавме консултации и состаноци со европските и американскиот амбасадор и други држави и финансиски институции за итната макрофинансиска помош за Украина”, изјави во понеделникот новиот украински министер за финансии Јуриј Колобов. Според него меѓународната донаторска конференција би требало да ги собере претставниците на Европската унија, САД и ММФ.
Привремениот украински претседател Олександер Турчинов, кој беше именуван откако парламентот изгласа дека Јанукович се самоповлекол од должноста, предупреди во неделата дека Украина е на работ на банкротот и дека нејзината економија се урива. Турчинов во обраќањето на нацијата го истакна стабилизирањето на украинската економија како приоритет на новите власти. „Во контекст на глобалното економско заздравување , украинската економија се лизга во провалија и се наоѓа пред банкрот”, истакна во обраќањето.
На тоа предупреди и поранешниот премиер Микола Азаров кој си поднесе оставка во декември, според кој 610 милиони евра што ги понудија ЕУ и ММФ за потпишувањето на Спогодбата за придружување се недоволни за спас на украинската економија, којашто ќе претрпеше сериозни удари поради губењето на трговијата со Русија и затоа го поддржа суспендирањето на потпишувањето на договорот во Вилнус во ноември 2013 година.
Американскиот министер за финанси Џек Лу изјави изминатиот викенд на самитот на Г20 во Сиднеј дека „САД и другите земји се подготвени да и’ помогнат на Украина во нејзините напори да ги врати демократијата, стабилноста и растот”. Новите украински власти ги повика да започнат преговори со ММФ за пакетот финансиска помош што е можно поскоро. Билатерална американска економска помош засега не се споменува.
Лу телефонски разговарал со челникот на најголемата опозициска партија Баткившчина (Татковина), Арсениј Јаценјук, по враќањето во Вашингтон од самитот од Г20 во Сиднеј. Неименуван претставник на американското министерство за финансии изјавил дека САД заедно со Европа и другите фактори во меѓународната заедница се подготвени да ја потпомогнат програмата за помош од ММФ за да се ублажи ефектот од реформите врз осиромашеното украинско население.
ММФ порача дека е подготвен да и’ помогне на новата украинска влада, доколку таа побара помош. Меѓутоа, извршната директорка на ММФ, Кристин Лагард истакна дека основните економски реформи, кој Јанукович ги одби, и натаму претставуваат главен услов за пакетот помош. Меѓу тие реформи се укинување на субвенциите за гас, што според неа им одат во прилог на украинските олигарсите, но и за сиромашните Украинци и зголемување на данокот на промет.
Европскиот комесар за економски и финансиски прашање Оли Рен изјави во неделата Европската унија е подготвена да понуди „значителна” финансиска помош за Украина кога ќе ја формира новата влада, а смета дека требало да понуди јасна европска перспектива, што го поддржуваат сите земји членки на ЕУ.
-Важно е да понудиме јасна европска перспектива во за украинскиот народ кој покажа предаденост на европските вредности. Подготвени сме да обезбедиме значајна финансиска помош за Украина кога политичкото решение, втемелено на демократските принципи, ќе биде финализирано и кога ќе биде формирана новата влада којашто искрено и сериозно ќе им се посвети на институционалните и економски реформи”, додаде Оли Рен.
На прашањето колкаво би можела да биде таа помош. Рен изјави дека ЕУ во моментов проценува колку на Украина и’ е потребно. „Мораме да бидеме дораснати на предизвикот на овој историски момент”, изјави Рен
Европските функционери деновиве за медиумите калкулираа дека Киев, за да ја потпише Спогодбата за придружување и слободна трговија со ЕУ, би можел да добие повеќе од две милијарди евра. За потпишувањето на договорот со ЕУ, пак, ќе мора веројатно да се почекаат вонредните претседателски избори кои парламентот во работата ги закажа за 25-ти мај.
Британскиот министер за финанси Џорџ Озборн изјави во понеделникот дека Велика Британија е подготвена да осигури помош за Украина низ плановите коишто ми ги осмислиле ММФ и ЕУ. „Уште е рано, но изгледа дека народот на Украина одлучи да ја поведе својата земја кон иднината, поцврсто врзувајќи се со Европа и мислам дека ние тоа со две раце треба да го прифатиме. Мораме да бидеме подготвени да обезбедиме финансиска помошта низ организациите како што е ММФ”, додаде британскиот министер за финансии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


