
Неактивните фирми ќе бидат ослободени од плаќање фирмарина и радиодифузна такса. Државата веќе ја почнала процедурата за нивно бришење, објави „Дневник“.
Сопствениците на фирмите кои со години се неактивни, а фигурираат како правни субјекти во списокот на Централниот регистар на Република Македонија (ЦРРМ) и на кои во целиот период им се трупаат долгови врзани, меѓу кои за фирмарина и за радиодифузна такса, ќе можат да здивнат бидејќи државата во веќе започнатите процедури ќе изврши нивно бришење, со што ќе се избришат и овие долгови. Но тие, како и оние што се водат за управители, во период од три години нема да можат да регистрираат нови фирми. Ова ќе важи доколку фирмите се навистина неактивни, односно ако од претходен период немаат акумулирани добивки од кои може да се наплатат долговите.
Бришењето на фирмите од идната година, пак, ќе се врши година за година кај сите фирми што во претходната немале активност. Па, така, списокот на оние што годинава нема да поднесат завршна сметка ќе биде испратен првин во Управата за јавни приходи (УЈП) на проверка дали навистина се работи за неактивни правни субјекти, по што ќе бидат избришани, а „казна“ ќе биде неможноста да се регистрира нова фирма во следниот тригодишен период.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


