
Ситуацијата во Украина е на раб на војна, а ескалацијата го плаши целиот свет затоа што многу лесно ќе го промени глобалниот поредок. Додека Русија распоредува дополнителни трупи во Украина, украинскиот премиер Арсениј Јацењук предупредува дека земјата никогаш нема да се откаже од Крим. Воено-политичкиот аналитичар Методи Хаџи-Јанев смета дека Украина нема капацитет да се спротивстави на руската моќ, па поради тоа како паметен потег ја смета одлуката на новото украинско раководство што засега не влегува во конфликт кој однапред се знае дека ќе го загуби. Во вакви околности, тој оценува дека на Украинците не им останува ништо друго освен да се молат за помош идентично како претседателот на Грузија во 2008 година.

Методи Хаџи-Јанев
Но, каква помош може да очекува Украина? Дали може да се надева на воена помош или, пак, зборуваме за политичка поддршка проследена со некаков вид економски санкции и блокади кон Русија?
Хаџи-Јанев: Украина може да се надева на оваа помош. Но, сметам дека треба да расчистиме за каква помош ќе зборуваме. За морална, политичка (мерки за блокирање на Русија таму каде што се може), економски санкции (ако може воопшто да се спроведат заради зависноста на Европа од рускиот гас) или, пак, за воена интервенција. Идеите на некои аналитичари дека соседните земји што се членки на НАТО треба да го зајакнат притисокот врз Русија се беспредметни. Путин многу добро знае кои се капацитетите на Романија, Полска или на балтичките земји (да не зборуваме за Молдавија). Со ваква констелација на односите, ако мислите на воена поддршка, лично сметам дека шансите се многу мали. Западот не сака ескалирање на проблемот, тие веќе повикаа на дипломатски решенија. Путин го знаеше тоа и затоа побрза да си ја осигури позицијата во која ќе преговара.
Следејќи го развојот на кризата, многумина се прашуваат до каде е подготвена Москва да оди во заштитата на руското население во Украина и на руските интереси. На колкава територија од соседната земја е подготвена да дејствува?
Хаџи-Јанев: Русија нема излез затоа што со дестабилизирањето на Украина и со проектот за инсталирање влада која е лојална на ЕУ (пред сѐ Германија), таа е сериозно загрозена. Не толку воено, колку економски. Со овие проекти рускиот пазар ќе биде преплавен и ќе доминираат европски производи, што ќе креира сериозна закана за економската стабилност во Русија. Засега Украина е блок кој е заштитна зона од таквиот наплив. Според сето тоа што го гледаме, Русија ќе се задржи на Крим. Преку него стратегиски ќе ја задржи слободата на маневарот во Црно Море, но и можноста за проекција на сила доколку ситуацијата се влоши по однос на нејзината безбедност.
- (кликни за поголем приказ)
- (кликни за поголем приказ)
Како ги оценувате стратешките потези на рускиот претседател и дали неговите постапки му обезбедија некаква предност во случувањата кои следуваат?
Хаџи-Јанев: Путин направи чекор по кој ќе биде изучуван на стратешко и на оперативно ниво. Тоа се огледува во неколку факти кои се прелеваат преку правото, опертиката и стратегијата (политички и дипломатски мерки). Прво, Путин (заради неговите професионални капацитети) успеа да ги разбере слабостите на демократските општества многу слично како што тоа го разбра и Ал Каеда на почетокот на конфликтот со Западот. Тоа, пред сѐ, се однесува на тешкотиите што либерално-демократскиот свет ги има за да ги заштити сопствените центри на гравитација (јавното мислење) и демократските вредности на кои Западот се обидува да ги темели сите свои дејства (на ова ќе се навратам повторно). Второ, од правен аспект, Путин се движи по тенката линија на преседаните во овој контекст (кои ги познава современото меѓународно право околу употребата на сила). Тоа што тој го применува е преседан кој во минатото е применуван неколку пати. Генерално, (заради просторот кој го имаме) основата за употреба на сила (распоредување на силите од т.н. ius ad bellum аспект) тој засега ја оправдува со правото на самоодбрана. Тоа што е специфично е што не се повикува само на членот 51, туку на практиката која во минатото е користена и применувана неколку пати од САД (Иран) и од Израел (во Уганда и во Либан). Таквиот став се извлекува од изјавите што ги дадоа руските официјални претставници во ООН, но и од однесувањето на војниците или оние вооружени лица што се распоредени во Крим. Овде би заклучил само дека на меѓународен план оваа практика била осудувана, но и поддржувана или воопшто Советот за безбедност на ООН немал никаков став. Поддршката или осудата зависела од ефектите и од консеквенциите на употребата на сила. Но, тоа што е специфично и се разликува од оваа практика е што Путин, од правен аспект, дејствува превентивно и предвремено, со што ќе рече дека се повикува на обичајното право на самоодбрана, на кое се повикаа САД во употребата на сила врз Ирак. Иако тие го избегнуваат тоа од оперативен аспект, силите за стабилизација не се ништо друго туку тоа – предвремено распоредени сили за заштита на граѓани и добра на туѓа територија. Тоа, пак, нѐ води до вториот аспект, кој веќе го споменав, а за кој Путин води сериозна сметка – оперативното однесување на распоредените сили. Засега, ако забележувате, тие се однесуваат како да се на „показна вежба“, кога се учат одредени постапки. Имено, вооружените групи што се надвор на улиците не носат рамки на пушките – што би значело дека интенцијата им е да покажат дека немаат агресивна намера, туку само одбранбена (што е во склад со речникот за самостојно организирани одбранбени сили на Крим). При контакт со украинските сили тие не влегуваат ниту во вербален контакт ниту во физички контакт. Како се навлегува кон базите (кои, исто така, се дел од речникот за оправдување – значи добра – се мисли на базите), овие војници се вооружени, значи во склад со правилата на однесување од оперативен аспект. Тоа што е ново во оперативна смисла, е што овие сили во доктринарна смисла не може да се наречат мировни (бидејќи немаат мандат на Советот за безбедност). Затоа, идентично како што направија САД во Ирак, Путин ги нарекува сили за стабилизација (терминот на САД беше доктрина за операции за стабилизација и поддршка). Стратешки, пак, сето тоа му дава невидена предност на Путин.
Како Путин во случајов успеа стратешки да го надмудри Западот?
Хаџи-Јанев: Користејќи ги основните принципи на војувањето, Путин го стави акцентот на два принципа, т.е. принципите на изненадување и на маневар. Оваа одлука дојде како резултат на неговите капацитети да проникне во капацитетот на одлучување на западните политичари. Што разбра Путин од 2009 година, па наваму? Три работи. Прво, дека Западот, пред сѐ САД, го потцени и ги потцени оперативните и разузнавачките извештаи на коалициските партнери. Ако се разгледа динамиката на донесувањето на новиот стратешки концепт на НАТО од 2010 година, ќе стане јасно дека НАТО се подели поради разликите во перцепциите на заканите. Имено, додека Полска, Естонија, Летонија, Литванија плачеа за тоа новиот стратешки концепт на НАТО да се фокусира на реафирмирање на членот 5, САД, Холандија и уште некои други држави сметаа дека стратешкиот концепт треба да се фокусира на кооперативната безбедност. Второ, ако во овој контекст ја ставите и трката за реизбор на Обама, во која тој при изнесување на стратешките безбедносни предизвици, буквално, го исмеа противкандидатот за тоа дека Русија е геостратешки непријател. Конечно, трето, Путин ја разбра моќта на информациите како инструмент на моќ во водењето современи борбени дејствија. Погледнете ја само телевизијата „Раша тудеј“ (класичен пандан на американската Си-Ен-Ен), во која извртувањето на нештата е поголемо од кога било. Со тоа, Путин стратешки ја инхибира моќта на западните политичари во донесувањето на одлуките. Во таа насока се и извештаите за кибернетските напади кои ќе следуваат многу слично како во Грузија во 2008 година.
Од сето тоа Путин се доведе во позиција во која е во невидена предност за преговори. Успеа да ја распадне силата на Украина однатре, да презеде украински команданти, да ги одврати специјалците на Украина да интервенираат и, секако, да создаде услови по кои комисиите за утврдување на фактите нема да ги утврдат фактите онака како пред да имаше интервенција. Во сето тоа Путин знае дека Украина нема капацитет да се спротивстави на руската моќ. Некои би предложиле дека украинските сили може да развијат бунтовнички операции. Меѓутоа, тоа е слаб аргумент од причина што за да се развијат ефективни бунтовнички операции, е потребна поддршка од населението. Според тоа што го гледаме од теренот, тоа не е случај.
(Пишува: Ненад Мирчевски
Текст објавен во 79. број на неделникот „Република“, 7.03.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст




