Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров побара од ОБСЕ, како и претходно Виталиј Чуркин, постојаниот руски претставник во Обединетите нации, поведување истрага за убиствата на десетици лица при безредијата во украинскиот главен град Киев, убиени со истрели на снајперисти, истакнувајќи дека вистината и покрај премолчувањето не може да се сокрие.Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров се повика на телефонскиот разговор меѓу високата претставничка на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, и естонскиот министер за надворешни работи Урмас Пает кој од Киев ја известува за сознанијата добиени од локална лекарка којашто вршела обдукција врз загинатите дека се убиени со исто оружје и оти се повеќе е јасно дека и вистината не може да се сокрие.
-Најновите информации за тој случај на наводни снајперисти повеќе не може да се сокрива. Му предложивме на ОБСЕ да спроведе објективна истрага за тој случај и ќе сториме се да се утврди вистината. Има премногу лаги кои предолго се искористуваа за европската јавноста да биде погрешно насочена и кои не се засновани на факти, изјави Лавров.
Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, исто така во телевизиски настап изјави дека е неопходно да се спроведе објективна истрага за насилствата во Киев, во кои биле употребени и снајперисти. Изјави и дека веќе ја започнал таа тема на последното заседание на Советот за безбедност при ОН, истакнувајќи го транскриптот од разговорот меѓу шефицата на европската дипломатија и нејзиниот естонски колега.
-Како што беше наведено во договорот од 21-ви февруари, кој некои сега сакаат да го заборават, неопходно е да се спроведе истрага за настаните коишто доведоа до насилна промена на власта во Киев, особено во смисла на пројавените насилства, рече Чуркин додавајќи дека „откако ќе се спроведе таквата истрагата, ќе се откријат многу интересни детали и не само за ангажирањето на опозициските снајперисти за нивни цели, туку и за тоа што стрелале во припадниците на безбедносните сили”.
Ќе се дознаат многу интересни факти во врска со тоа кој ги подготвувал неколку седмици тие бунтовници, како ги обучувал, кој ги испратил тие борци во Украина кои го испровоцираа насилниот развој на ситуацијата во Украина, рече уште Чуркин.
Рускиот дипломат истакна и дека истрагата е неопходна затоа што „многумина, велат, дека во САД не знаат ништо, бидејќи и на американските телевизии сликите беа сосема поинакви”.
Чуркин ја отфрли можноста на предлогот за истрагата да биде ставено вето „Таквата можност теоретски постои. Советот за безбедност, на пример, носи решение за спроведување каква и да е специјална истрага, но имајќи ја предвид позицијата на нашите западни колеги, сметам дека би било нереално тоа (ветото) да се очекува”, заклучи рускиот дипломат.
Западните земји ја обвинуваа интервентната полиција „Беркут” којашто во меѓувреме новите власти во Киев ја распуштија, дека по налог на отстранетиот претседател Виктор Јанукович вршеле насилства и стрелале во демонстрантите во текот на февруари во безредијата во Киев, кога загинаа 90-ина луѓе, од кои најмалку 15 беа припадници на интервентната полиција, којашто последните два дена доби дозвола да биде вооружена со боева муниција.
Русија, пак, споменатиот телефонски разговор, кој очигледно бил прислушуван, но не е утврдено од кого, го предочува и како поткрепа на своето тврдење дека насилните протести во Киев кои започнаа кон средината на февруари, откако сосема спласнаа претходните мирни протести започнати ланскиот ноември откако Јанукович не ја потпиша Спогодбата за придружување на ЕУ, ги започнала опозицијата, како и дека новата украинска влада е составена и е под контрола на ултранационалистите од Десниот сектор кои треба да бидат наскоро промовирани како нова безбедносна структура.
Истапувањата на Лавров и на Чуркин ја покажуваат цврстата определеност на Москва овој случај да биде истражен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.