| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто го славиме токму 8 Март

Иако главно се одбележува со подарување на цвеќе и бонбониери, овој празник треба да не потсети на често загрозените права на вработените жени.

Меѓународниот ден на жените, популарно наречен Осми март е празник на економските, политичките и општествените достигнувања на жените. Идејата да се одбележува овој празник се појавила во почетокот на 20 век во време на индустријализацијата и економската експанзија која често доведувала до протести поради лошите работни услови. Во 30-тите години некои држави престанале да го одбележуваат овој празник, но во 1975 година Обединетите нации почнале официјално да го одбележуваат.

Денот на жените се одбележува во сеќавање на пожар во текстилната фабрика Триангл Шртвеист, кој се случил во Њујорк во 1911 година. Тој ден загинале над 140 жени. Првите јавни демонстрации на жените вработени во индустрија за облека и текстил се случиле на 8 Mарт 1857 година во Њујорк. Текстилните работнички протестирале поради лошите услови за
работа и ниските плати. Демонстрациите ги растерала полицијата, а два месеци подоцна тие исти жени основале синдикат.

Протести на 8 Март се случувале и следните години, од кои најпознати биле во 1908 година, кога 15.000 жени марширале низ Њујорк барајќи работно време, подобри плати и право на глас. Првата меѓународна женска конференција е одржана во Копенхаген во 1910 година во организација на Социјалистичката Интернационала. Празникот е утврден на предлог на
славната германска политичарка и борец за човекови права Клара Цеткин. Веќе идната година празникот го одбележале милиони луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

Првиот ден на жената се славел на 28 февруари 1909 година во САД по повод декларацијата која ја донела Социјалистичката партија на Америка.

Демонстрациите по повод Меѓународниот ден на жената во Русија биле прво скалило на руската револуција. По Октомвриската револуција, болшевичката феминистка Александра Колонтаи го убедила Ленин 08.03 да стане државен празник. Во текот на советскиот период тој се користел за одбележување на херојството на работничките.

Државите на Запад Денот на жените главно престанале да го одбележуваат во 1930-тите години, во дел и поради тоа што го поврзувале со комунизмот. Меѓутоа, феминистките повторно почнале да го слават во 60-тите години.

За Меѓународна година на жената прогласена е 1975. Тогаш Обединетите нации почнале официјално да го одбележуваат Меѓународниот ден на жената.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top