| четврток, 6 декември 2018 |

Дејвид Овен: Крим да и биде даден под закуп на Русија

oven

Поранешниот британски министер за надворешни работи Дејвид Овен смета дека еден договор со која целиот полуостров Крим би и бил отстапен на Русија под закуп, може да биде прифатливо решение за сегашната украинска криза.

Овој поранешен британски  дипломат, кој едно време беше советник на неколку големи руски компании, во интервју за „Би-Би-Си“, вели дека една ваква спогодба би можела да биде постигната преку преговори на Украина и Русија, по углед на договорот што го има САД со Куба, околу изнајмената теритоја на која е сместена американската база Гвантанамо.

Овен верува дека правна основа за вакви преговори постојат, затоа што Русија веќе има договор за користење на поморската база во Севастопољ до 2042 година.

Русија и Украина во 1991 година почнаа преговори околу иднината на базата во која е сместена целата сега руска, а во тоа време советска, црноморска флота. Двете страни тогаш постигнаа договор за користење на базата од страна на Русија за период од 25 години. Во 2010 година, се одржа нова  рунда преговори, по што договорот беше продолжен за уште 30 години.

Според идејата на Овен, за возврат на изнајмувањето, властите во Киев би добиле руски гас по субвенционирани цени, од што полза би имала цела Украина. Порнешниот британски министер уште вели дека ако договорот за базата е етички прифатлив, тогаш нема да биде премногу тешко тој да се прошири и за целата кримска територија.

Како страни кои би учествувале во украинско-руските преговори за давање на Крим под закуп, би биле САД и Велика Британија, затоа што тие во 1994 година се согласија за континуирано користење на базата во Севастопољ за руската морнарица, за да се обезбеди договорот за незголемување на нуклеарното оружје.

Еден ваков договор би ја елиминирал руската загриженост за судбината на Русите на Крим кои сочинуваат повеќе од 62 отсто од вкупното население, како и за одржување на рускиот излез од Крим, преку Црно Море и Медитеранот на „топлите мориња“.

Политички експерти во Лондон не веруваат дека Русија би се согласила да направи компромис или уште помалку да ги жртвува, своите поморски капацитети на Крим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top