| четврток, 6 декември 2018 |

Скандинавските земји внимателни во однос на санкции за Русија

skandin

Повеќе земји-членки на ЕУ, предводени од Германија, во пресрет на денешниот вонреден самит на Унијата во Брисел се скептични во однос на можното воведување санкции против Русија, јави дописникот на МИА од Гетеборг.

Данската премиерка Хеле Торнинг-Шмит смета дека ЕУ би требала да биде внимателна околу изборот на санкциите, како оружје, за Русија во овој миг.

– Тоа е мошне радикален чекор, кој ние нормално го користеме како последен излез. Сега се наоѓаме во ситауција во која мораме да имаме ладни глави. Сѐ уште сме во ситуација во која треба да бараме политичко решение за конфликтот – рече Хеле Торнинг-Шмит.

Дански медиуми јавија дека според мислењето на премиерката Торнинг-Шмит санкциите против Русија би ризикувале да ја заострат ситуацијата и дијалогот со Русија да го направат невозможен.

И шведскиот премиер Фредрик Рајнфелд вели дека е свесен за фактот оти земјите-членки на ЕУ имаат различни погледи во однос на санкциите против Русија и дека се присутни внимателни тонови во повеќе европски метрополи.

– Држиме јасен политички притисок против Русија. Сега дипломатијата дејствува на разни нивоа, и тоа е вистински одговор. И понатаму е напната ситуацијата на Крим, при што е присутен ризик дека брзо би можело да дојде до негативен развој – изјави премиерот Рајнфелд за шведски медиуми по денешното пристигнување во Брисел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top