Да биде претставителен, да е самоуверен, да е комуникативен, да ја развива дипломатијата, да е интелигентен, да биде шармантен, да биде претседател на сите граѓани… каков треба да биде македонскиот претседател? Претседателот на Македонија го изразува државното единство и ја претставува земјата на меѓународната политичка сцена, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите, ги прима акредитивите и писмата за отповикување на странските дипломатски претставници, склучува меѓународни договори во име на земјава, доделува одликувања и признанија и дава помилувања… Тој, покрај претседателот на Собранието, потпишува указ за прогласување закон, предлага членови во Уставниот суд, во Судскиот совет, во Советот за радиодифузија. Го предлага и гувернерот на Народна банка. Тој е врховен командант на вооружените сили, го поставува и го разрешува началникот на ГШ на АРМ, претседател е на Советот за безбедност, го именува и разрешува директорот на Агенцијата за разузнавање…
Од осамостојувањето до сега Македонија имала четворица претседатели – Киро Глигоров на оваа позиција беше од јануари 1991 година до ноември 1999 година. Го наследи Борис Трајковски кој трагично го загуби животот пред крајот на мандатот во февруари 2004 година. На негово место дојде Бранко Црвенковски, кој ја извршуваше оваа функција до 2009 година, а оттогаш на чело на државата е Ѓорге Иванов. Поставивме прашање – може ли да се создаде профил на идеален претседател на државата од карактеристиките на досегашните претседатели?
– Глигоров имаше голема почит и авторитет кај народот. Борис Трајковски беше човек што беше блиску до народот. Го сакаше народот, знаеше како со него. Знаеше да изгради релација со странски дипломати, беше претставителен како појава. Сепак, Црвенковски беше најпретставителниот претседател, самоуверен, полн со себе, појава што оставаше впечаток. Најдобар оратор меѓу досегашните претседатели. Единствено првиот впечаток што го оставаше можеше да го урне со алкохолот. Иванов, пак, е можеби најинтелигентниот и најначитаниот претседател. Но тоа што му недостига е самодоверба, цврст настап, харизматичност – смета 33- годишната Ана Матевска.
Ова прашање го поставуваат многумина. Поранешниот уредник на „Нова Македонија“, Зоран Димитровски, во една колумна зборува каков треба да биде профилот на новиот претседателски кандидат.
– Да биде претседател на сите граѓани, кој ќе комуницира со сите политички партии. Во таква комуникација негова должност ќе биде да поттикне, напорно да работи на тоа и да обезбеди државен консензус на сите политички субјекти за спорот со Грција за да ги заштити националните интереси. Претседателот, како и премиерот, не треба да пишува писма до својот грчки колега во кои ќе го повикува на дијалог, туку треба да ја искористи сета своја дипломатска вештина и сите светски пријатели за да дојде до таква средба. Претседателот мора да направи мост и кон албанскиот политички фактор затоа што живееме во мултиетничко општество со нагласено учество на Албанците. Претседателот мора да се бори за правда и за правичност. Тој мора да го крева гласот против тиранијата и неправдата… – пишува тој.
Гласноговорниците моделираат претседател
За да создадеме лик на идеален претседател побаравме помош и од некои од поранешните портпароли на македонските претседатели. Портпаролот на Борис Трајковски, Борјан Јовановски, не сакаше да коментира. Вели дека, можеби, би бил премногу субјективен во својот одговор.
Портпаролката на Бранко Црвенковски, Тања Лопарски, која денеска има своја ПР агенција, ги извади најбитните карактеристики на секој од досегашните претседатели, создавајќи профил на, можеби, идеален претседател на Македонија. Искуство, авторитет, почитување, народен човек, чувство за донесување одлуки, познавање на меѓународните односи…
– Претседателот треба да има политичко искуство како Киро Глигоров. Тој од сите досегашни претседатели ја имаше предноста да биде со најголем политички стаж со што можеше да процени како да се однесува во соодветна ситуација. Политиката е игра што ако не знаете да ја играте останувате на почеток. Киро Глигоров, независно од негативните коментари за тоа што требало, а не направил, го перцепираа како „татко на државата“. Во него се гледаше со авторитет и со почитување. Борис Трајковски, пак, го имаше невообичаениот пристап на политичар. Беше народен човек. Знаеше да излезе надвор од протоколарните рамки, да биде меѓу луѓето, да разговара со сите во обид да ја раскаже својата приказна. Тој момент го направи вистински претставник на македонските граѓани. Бранко Црвенковски, пак, има големо чувство за донесување одлуки, за играње одлично во меѓународната сцена во бранење на интересите на Македонија. Неговиот имиџ на „одличен политички играч“ одлично се преслика во добивањето позитивни оценки од Европската унија и во меѓународното признавање на уставното име од страна на Соединетите Американски Држави. Ѓорѓе Иванов, пак, го има теоретското познавање на меѓународните односи подобро од сите досегашни претседатели, што е потребно во извршувањето на претседателската функција. Тој ја продолжи и практиката на Борис Трајковски во секојдневните обврски да ја вклучи и својата сопруга, која е активна во општественоодговорните кампањи – вели Лопарски.
Низ кабинетот на Ѓорге Иванов поминаа неколкумина гласноговорници. Разговаравме со новинарот Цветин Чилиманов, кој работеше во овој кабинет некаде на почетокот на мандатот на Иванов. Тој детално ги анализираше сите досегашни кандидати. Како и Лопарски и Чилиманов, како позитивна карактеристика кај Глигоров го нагласува моментот – татко на државата.
– Глигоров имаше нешто што ниту еден претседател по него го немаше, а тоа е инсистирањето дека се работи за татковска фигура зад која треба да се обедини целата нација и кој ја чува земјата од војна и од немири. Веројатно тоа беше остаток од минатото бидејќи сите претседатели од поранешните југословенски држави сакаа да се моделираат по примерот на Тито, нешто како безгрешен водач кому не смее да му се опонира и кој секогаш знае најдобро. Лично, не ми се допаѓа многу оваа карактеристика, која не е многу блиска до демократските системи, ја нарушува поделбата на власта и за нејзино одржување е потребно да се има силна поддршка од системот. Но, јасно е дека може да биде и корисна во време на големи превирања, кои ги имаше во времето на Глигоров, доколку се користи ограничено, што тогаш, секако, не беше случај. Голем дел од проблемите што ги имаме денес со улогата на претседателот, да има релативно мали овластувања, а да мора да биде избран на општи избори, и потоа да се обиде да преземе некаква непартиска улога, произлегуваат од тоа што моделот беше граден специјално за Глигоров, без да се има предвид функционалноста на системот – смета Чилиманов.
Од Борис Трајковски, како карактеристика за идеален претседател, тој ја задржува способноста да изгради долготрајни и цврсти врски со меѓународни државници и политичари.
– Трајковски тоа го правеше во време кога Македонија сѐ уште, геополитички гледано, беше центар на светот и кога беше нормално да имаме претседатели на водечки држави, европски функционери и генерални секретари на НАТО како редовни посетители, и кога министерствата за надворешни работи на големи светски сили посветуваа огромно внимание на Балканот. Имајќи предвид дека СДСМ, по природата на работите наследени од поранешна Југославија имаше огромна предност во влијанието врз македонската дипломатија и контактите со светот, од ВМРО-ДПМНЕ Трајковски беше првиот што успеа да изгради не само деловни туку и, навистина, пријателски контакти со светски државници – коментира поранешниот портпарол на Иванов.
Чилиманов смета дека идните претседатели од Црвенковски би можеле да научат како да имаат едно високо ниво на самодоверба и на его.
– Но, во тоа треба да се има мера. Црвенковски, едноставно, не е подготвен да најде излезно решение во политиката, кое нема да подразбира да биде доминантна политичка фигура во земјата. Во тоа мора да се има мера, таа борба да не се пренесува надвор од државата и да не се нанесува непотребна штета на заедничките интереси. Мислам дека неможноста да се разграничи меѓу легитимната политичка борба и една стратегија на изгорена земја, во која мора да се победи по секоја цена, денес најмногу штета ѝ носи на неговата партија бидејќи граѓаните не сакаат да видат политичар до толку воден од сопственото его што не може да ги препознае државните интереси – го анализира Чилиманов Црвенковски.
За човекот за кој работеше, Чилиманов смета дека покажал дека претседателот не мора да биде професионален политичар, со целата заднина на интереси, долгови и пресметки што доаѓаат со тоа.
– Ме изненади колку добро ги познава земјата и луѓето, колку има пријатели во помалите места низ Македонија, нешто што не очекував да видам кај универзитетски професор. Една работа од него, која мислам дека мора да остане за идните претседатели, е тоа чувство на нормалност, кое мислам дека веќе на сите ни недостига. Од претседателите што, оправдано, мораа да се соочат со создавање независна држава и нејзино извлекување од војна, до ерата на Црвенковски, кога, практично, секое несогласување во Македонија се прогласуваше за историски важно и за потенцијално фатално за државата, време е за нормализација во политиката, во која ќе сфатиме дека Македонија е влезена во фаза на нормална, здодевна европска држава, која се занимава со здодевни економски прашања, а не со потрага по историски национални решенија, договори со големите или локални сили или ветување интеграции како покус пат до невидено богатство – додава тој.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
И заветот на Глигоров погазен: Јазикот и нацијата не гибајте ги
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана