Собранието на Република Македонија на денешната седница донесе одлука за распуштање со 117 гласови „за“ и ниту еден против и воздржан.
На денешната седница координаторите на пратеничките групи ги искажаа своите ставови за претседателските и предвремените парламентарни избори.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, истакна дека Република Македонија е демократска држава и тие како најголема партија се должни да понудат најдобар кандидат за претседател.
– Денеска треба да гласаме да се распушти парламентот. Нема дилема дека граѓаните носат правилни одлуки. Сега народот ќе покаже дека го знае одговорот, ќе одговори за заштита на Уставот на Република Македонија – изјави Бонева и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа уцени и условувања.
Игор Ивановски од СДСМ обвини дека ова е исто сценарио на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Собранието и дека владечајката партија заедно со коалициониот партнер ДУИ се водат од партиски и бизнис интереси и не сакаат до крај да завршат еден мандат бидејќи немаат решение за проблемите.
– Народот не им верува на кавгите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за консенуален претседател и предвремени парламентарни избори. И денес слушаме за измислен консензуален претседател – рече Ивановски.
Пратеникот Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка, изјави дека за него е најважно овие избори да бидат фер и демократски. Тој им порача на партиите и етничките групи во Македонија да не се конфронтираат меѓусебно за подобра иднина.
Неџати Јакупи од ДУИ рече дека консензуалниот претседател е една голема политичка идеја, таа не е политичка уцена, туку политички предизвик кој говори за нашата зрелост.
– Деблокирањето на овој процес може да се постигне само со дијалог на високо ниво и во присуство на меѓународната заедница – истакна Јакупи.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, пред гласањето за распуштање на овој парламентарен состав ја искористи приликата и им се заблагодари на пратениците за, како што рече, успешната соработка, без разлика на партиите од кои доаѓаат и додаде дека се гордее со резултатите што заеднички биле постигнати.
Дел од денешната последна седница на Собранието на Република Македонија може да погледнете на видеото на ТВ Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.