– Објавениот податок за раст на индустриското производство во јануари 2014 година, во однос на јануари 2013 година за 6,4% значи дека состојбите на економски план одат во позитивна насока, што во голема мера ќе го поттикне, во почетокот на 2014 година, зголемувањето на стопанските и инвестициските активности, како од страна на стопанствениците така и од страна на банките – изјави за „Република“, Билјана Пеева – Ѓуриќ , од Стопанската комора на Македонија.
Според надлежните во комората, особено поттикнувачки е податокот дека растот на индустриското производство пред се се должи на раст на преработувачката индустрија за 12,1%, која треба и во иднина да биде клучен фактор во остварувањето на економски раст.
– Од друга страна индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен бележи опаѓање од 1,1%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓањето е од 9.9%. Индустриските гранки кај кои е остварен пораст на индустриското производство учествуваат со 69,83% во структурата на вкупното ндустриско производство – коментираат од СКМ.
Овој пораст на индустриското производство е добар показател за оптимистичка оценка за динамизирање на стопанските активности од почетокот на годината, но Комората има одредени резерви на финалната оценка, бидејќи индустриското производство во јануари во однос на просекот за цела 2013 година е на ниво од 84,7%, односно индустриските гранки кои го надминале просекот за 2013 година учествуваат со 17,85% во вкупното индустриско производство.
Според СКМ иднината на македонската економија треба да се гледа во развој на приватниот сектор во услови на здрава конкуренција. За тоа клучни фактори се раст на производните инвестиции, раст на извозот.
– За повеќе инвестиции и натаму ќе се работи на подобрување на амбиентот за стопанисување, како на странските така и на домашните ивеститори, како и соодветно да ги претставуваме нашите потенцијали, посебно на новите пазари каде треба да се позиционираме и се бориме за наша препознатливост.Фокусот треба да се стави на извозот, што беше еден од приоритетите на Стопанската комора на Македонија дури од 2010 година, во функција на ширењето и диверзификацијата на извозната основа кои се неопходни, за да се остварат посакуваните инвестици, а со нив да се постигне оддржлив стопански раст преку постепено намалување на диспаритетот меѓу производството и потрошувачката, извозот и увозот, вработеното и издржуваното население – објаснува Пеева – Ѓуриќ, во својот коментар за јануарскиот раст на индустриското производство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.