| четврток, 6 декември 2018 |

Седница за самораспуштање на Собранието

sobranie-na-rm-640x360

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја одржи 87. седница со единствена точка на дневниот ред Предлог-одлуката за распуштање на актуелниот собраниски состав.

Иницијативата за распуштање на Собранието во саботата ја поднесе Демократската унија за интеграција (ДУИ) откако не беше исполнето нивното барање за консензуален кандидат за претседател на Република Македонија.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во саботата прифати одржување предвремени парламентарни избори на 27 април, односно на вториот круг од претседателските избори. Лидерот на партијата и премиер Никола Груевски ставот на ВМРО-ДПМНЕ го соопшти на Конвенцијата за избор на кандидат за претседател. Опозициските СДСМ  и НСДП исто така ја прифатија иницијативата на ДУИ.

Според Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјаснат мнозинството од вкупниот број пратеници.

Иако ДУИ како причина за иницијативата за предвремени парламентарни избори го наведе неприфаѓањето на нивниот предлог за консензуален претседателски кандидат, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека причината за иницијативата на ДУИ е брањето да добие едно од трите ракводни места во државата.

– ВМРО-ДПМНЕ не подлегнува на уцени и закани. Веќе е јасно зошто бараат консензуален кандидат, за да не го добијат, и, како што отворено најавија, да одат на обид за пропаѓање на претседателските избори, а потоа да извршат притисок за промена на Уставот со цел партиите, а не граѓаните да го бираат претседателот на државата. Но, тоа не е крајната цел. Крајната цел е претпоставката дека ако ВМРО нема 62 пратеници по парламентарните избори да условат со барање за еден од тројцата – премиер, претседател на Собрание или претседател на држава да биде предложен од редовите на ДУИ, рече Груевски на Конвенцијата за избор на претседателски кандидат.

Од СДСМ, пак, побараа Владата веднаш да предложи измени на Изборниот законик кој не предвидува решенија за совпаѓање на парламентарните со вториот круг претседателски избори, да се реши проблемот со двата различни рокови за заклучување на избирачкиот список, со почитувањето на роковите за предизборна кампања, како и со медиумското претставување. /миа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top