На Скопскиот саем, од денеска до 8 март, ќе се одржува 11 Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација, а во негови рамки ќе се одржи и 4 Саем на недвижности и инвестиции, „Реал експо“. На отварањето ќе се обрати вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Организаторите најавија учество на преку 300 компании од Македонија, регионот и пошироко, како и на инвеститори во рамките на „Реал експо“, и очекуваат 15.000 посетители.
На Саемот за градежништво, кој подразбира сестрана промоција на оваа стопанска дејност на производителите и трговците од Македонија и од странство, ќе се нудат производи и услуги за работа, модернизирање, одржување и опремување објекти и имоти. Акцентот ќе биде ставен на новите материјали кои обезбедуваат енергетски заштеди. Се очекува тој да го привлече вниманието на експертите од областа на градежната индустрија и да овозможи средби, дискусии и склучување зделки.
Во рамки на програмските активности, компаниите секој ден ќе одржуваат промоции на производи, а последниот ден Агенцијата за енергетика ќе презентира енергетски пасоши.
На Саемот на недвижности, пак, ќе бидат понудени преку 3.000 стана во Скопје, Охрид и во Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.
Првпат оваа година ќе биде организирана и наградна игра – „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе им бидат доделени вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противвредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.