Министерот за аграр и за човекова околина Овен Патерсон кој денеска престојува во Брисел, на состанокот на европските министри за земјоделство, рече дека во истрагата ќе се вклучи и полицијата која ќе треба да ја испита кривичната одговорност во аферата, со подметнување на коњско месо во производите со говедско месо. Она што сегашната истрага треба да открие е дали станува збор за грешка во синџирот на снабдување со месни производи, или сето тоа е изведено намерно.
Некои лондонски весници објаснуваат дека аферата е само последица на трката за евтина храна, за поевтинувањето на исхраната, но и за задржување на профиот на компаниите од месната и прехранбената индустрија.
Изјавите на Агенцијата за стандарди во исхраната и на министерот Патерсон, доаѓаат по истрагата што е направена во една кланица во Западен Јоркшир и на една фирма за месо во Велс.
Двете локации беа темелно претресени, а целата нивна документација беше запленета. Двата објекти привремено се затворени, откако една британска фирма за дистрибуција на бургери од говедско месо потврди дека во пратката што ја примила во јануари, бургерите биле „полни“ со коњско месо.
Аферата избувна минатиот месец во Ирска, кога тамошните инспектори открија коњско месо во говедските бургери што ги продаваа британските хипермаркети, но и кај продавниците кои се снабдуваат со мелено месо во Ирска. Подоцна коњско месо беше најдено во мешавината од мелено месо што се употребува за правање на замрзнатите готови производи од лазања и шпагети болоњезе. Вкупно 16 земји на ЕУ се вклучени во оваа афера.
Коњското месо не е штетно, но потрошувачите се измамени, а фирмите имаат поголем профит, ако наместо говедско, користат коњско месо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.