Заменик-лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Јулија Клекнер, го предложи денеска поранешниот германски канцелар Герхард Шредер за посредник во решавањето на кримската криза и изјави дека ниту еден политичар не е толку добро запознаен со Истокот и со Западот како него.
– Апелирам до Шредер посредничката улога да ја сфати како своја граѓанска обврска – изјави Клекнер, која е заменичка на лидерот на ЦДУ, германската канцеларка Ангела Меркел.
Клекнер денеска во изјава за „Велт“ оцени дека Шредер „очигледно е во тесни пријателски врски“ со рускиот претседател Владимир Путин.
Таа нагласи дека ситуацијата на Крим треба да се реши итно.
– Станува збор за тоа да се избегне можниот конфликт меѓу Истокот и Западот – истакна Клекнер и предупреди дека двете страни мора да бараат дипломатско решение.
Шредер минатиот месец одби друг предлог за посредување во украинската криза, изјавувајќи дека една личност не може да го преземе посредувањето во конфликтот во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.