| четврток, 6 декември 2018 |

Пешевски и Фида во САД по нови инвестиции

 Invest in macedonia-

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида од денеска престојуваат во Соединетите Американски Држави, каде што во шест градови ќе ги презентираат можностите и поволностите за инвестирање во Република Македонија и ќе одржат директни средби со потенцијални американски инвеститори.

Како што соопшти кабинетот на вицепремиерот Пешевски, Филаделфија е првата дестинација на македонската делегација, каде што ќе бидат остварени средби со највисокиот врв на неколку глобални компании од областа на производството на кондиторски производи, фармацијата и медицинските помагала.

– Директните средби имаат за цел да им овозможат на претставниците на компаниите директно и детално да се запознаат со инвестициските можности и предности што ги нуди Република Македонија, а на македонската делегација да се запознае со нивните планови за идни активности и инвестиции во Европа – стои во соопштението.

Во состав на делегацијата се амбасадорот на Република Македонија во САД, Зоран Јолевски и економскиот промотор на Македонија во САД, Дејан Величков.

Од Филаделфија делегацијата продолжува кон Питсбург, а планирана е и посета на градовите Јангстаун, Акрон, Синсинати и Луисвил.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top