
Крим е под вооружена инвазија од Русија. Околу 2.000 руски војници се транспортирани по воздух во главниот град на украинската автономна република, изјави висок претставник на новите украински власти.
Претставникот на привремениот вршител на должноста претседател на Украина Олександар Турчинов во Крим Серхиј Куницин изјави дека воздушниот простор над Крим е затворен поради големиот број слетувања на руски авиони и хеликоптери. Според него Русија досега по воздух транспортирала во Крим околу две илјади војници.
Турчинов ја обвини Русија за отворена агресија против Украина. Во телевизиско интервју тој го повика рускиот претседател Владимир Путин веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече руските војници од Крим.
Тој ја обвини Москва дека дејствува според грузиски сценарија. – Провоцира конфликт и анексија на територија, изјави Турчинов алудирајќи на дејствијата на Русија за време на војната со Грузија во 2008 година за грузиските области Јужна Осетија и Абхазија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


