| четврток, 6 декември 2018 |

Научници создадоа вештачки панкреас

pankreas

Европските научници соопштиле дека направиле вештачки панкреас, кој директно би произведувал инсулин во организмот и би помогнал во лекувањето на дијабетес.
Европскиот центар за истражување на дијабетес со седиште во Безансон го утврдил процесот на добивање вештачки панкреас. По 20 години истражување, новиот вештачки панкреас изгледа како џеб со дебелина од неколку милиметри, кој би се вградил во стомакот на пациентот. Внатре во тој полупропустлив џеб се наоѓаат живи клетки способни директно да лачат инсулин.
– Наша цел беше пациентот повеќе да не добива инјекции со инсулин – навеле стручњаци и додале дека тој панкреас не лекува дијабетес туку овозможува пациентот да не мисли постојано на својата болест.
Вештачкиот панкреас во моментот клинички се испитува на лабораториски животни, а првите тестови на луѓе се очекуваат кон крајот на 2015 година.
Тој е првенствено наменет за пациенти со дијабетес тип 1, кој ги погодува помладите лица, посебно во пубертет.
Дијабетесот, кај народот познат како шеќерна болест, претставува нарушување на нивото на гликоза во крвта до кое доаѓа кога жлездата панкреас сосема или делумно престанува да го лачи хормонот инсулин. Таа болест може во почетокот да се лекува со таблети, а подоцна со инјекции со инсулин.
Првите симптоми на болеста се замор и слабост, замаглен вид, постојана жед, нагло слабеење и често одење во тоалет. Компликации на болеста се хипогликемија, кома, како и кардио-васкуларни болести, васкуларни компликации (гангрена, слепило), болести на бубрегот, болести на мозочните функции, кои можат да доведат до фатален исход.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top