| четврток, 6 декември 2018 |

Обновени осум балкански културни локалитети

Завршени се работите за обновата на осум локалитети кои се дел од културното наследство во четири земји од Западен Балкан во вредност од 100 илјади евра, средства обезбедени од ЕУ, соопштено е денеска на состанокот во Подгорица на работната група за култура и општество на Советот за регионална соработка. Станува збор за проекти реализирани во Македонија, Србија, Црна Гора и во Босна и Херцеговина. Во Македонија со средства од Регионалниот совет за соработка се обновени Златковата кула во Кратово, археолошкото наоѓалиште во Стоби, аквадуктот во Скопје и црквата „Свети Ѓоргија“ во Старо Нагоричане. Во соседна Србија се обновени локалитетите Сувача во Кикинда и рудникот за јаглен во Сењ. Поранешната зграда на француската амбасада во Цетиње е објектот на кој е работено во Црна Гора, како и летната резиденција на кралот Александар Караѓоргевиќ во Хан Пјесак во Босна и Херцеговина.

Покрај овие проекти во завршна фаза се и работите на тврдината Гумниште на Косово и католичкиот манастир „Света Марија“ во Аполонија во Албанија.

– Превземените работи опфаќааст итна консолидација, почетни истражувачки работи на процена и утврдување на најзагрозените локалитети за рехабилитација, како и подготовка на планови за управување со локалитетите со цел нивна одржливост, изјави Ивана Накиќ, шеф на работната група за култура и општество при Советот за регионална соработка.

Парите се обезбедени од неповратните финансиски средства доделени од Европската комисија во вредност од 500 илјади евра наменети за одржлива обнова на културното наследство на Западен Балкан, а проектот го спроведува работната група за култура и општество при Советот за регионална соработка.

Според претседателот на оваа работна група Борче Николовски дополнителни 270 илјади евра ќе бидат наменети за други проекти за кои се чека финансиско одобрување, а ќе бидат искористени за уште 13 локалитети во регионот.

Се очекуваат и дополнителни 2,8 милиони евра од ЕК да бидат искористени до 2016 година за реконструкција и рехабилитација на три локалитети во Западен Балкан и тоа Фрањевачкиот манастир во Бач, Србија, Бањалучки кастел во Босна и Херцеговина и археолошкото наоѓалиште Аполонија во Албанија. Овој проект во моментов е во фаза на реализација која ја спроведуваат делегациите на ЕУ во посочените земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top