
Во текот на денешниот ден се очекува претседателот Ѓорге Иванов да се изјасни за поднесената иницијатива од група интелектуалци за негова кандидатура за уште еден претседателски мандат.
Ова за МИА го потврдија од Кабинетот на актуелниот претседател на државата.
Иницијативата беше потпишана од повеќе од 50 интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници и од спортисти.
Од ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат беше Иванов на минатите претседателски избори, потврдија дека кај нив е доставена иницијативата, но оти тој лично сѐ уште не се изјаснил во однос на неа.
Телевизијата „Канал 5“ објави дека иницијативата ја потпишале и вицепремиерот Зоран Ставрески, градоначалниците на Скопје, Коце Трајановски, на Аеродром, Ивица Коневски, на Прилеп, Марјан Ристески, пратеникот Антонио Милошоски, доктор Весна Јаневска, директорот на УЈП, Горан Трајковски, Ашим Зекировски, градоначалниците на Охрид, Никола Бакрачески, на Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и на Македонска Каменица, Дарко Митевски, и Владимир Неловски од УМС на ВМРО- ДПМНЕ.
Потписниците од владејачката партија бараат претседателот Иванов да ја добие партиската поддршка на конвенцијата на партијата закажана за 1 март, на која ќе биде избран претседателскиот кандидат за претстојните претседателски избори.
На списокот за поддршка се потпишале и докторите Александар Шиколе и Михаил Пенев, музичарот Гарабет Тавитијан, уметниците Зоран Љутков, Игор Стојчевски, Роберт Вељановски, Рубенс Муратовски, Валентин Светозарев, како и Татјана Баевска Вучковиќ, Ленче Неловска, Гордана Петрушевска и други.
ВМРО-ДПМНЕ веќе го објави и списокот на сите делегати за претстојната конвенција. Нивниот вкупен број, во согласност со одлуките на Извршниот и Централниот комитет на партијата, е 1.300.
Рокот за пријавување кандидати за претседател е до среда до 20 часот. Досега до партијата се пристигнати кандидатурата од професорот Јове Кекеновски и иницијативата за кандидирање на актуелниот претседател Ѓорге Иванов.
Според предложениот Деловник за работа на Конвенцијата, ќе се спроведе тајно, демократско и непосредно гласање на делегатите. За избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг на гласање, ќе се спроведе и втор круг меѓу двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови во првиот круг од гласањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани


