Најголемиот светски сервис за размена на пораки Уатс ап (WhatsApp), кој од пред некој ден е во сопственост на Фејсбук, ќе им овозможи на корисниците да извршуваат и повици од вториот квартал од годинава, најави во понеделник извршниот директор, Иан Коум.
WhatsApp е во фокусот на вниманието кај ИТ јавноста од моментот кога беше објавено дека компанијата на Марк Цукерберг подготви вртоглави 19 милијарди долари за сервисот, а информацијата дека 450 милиони корисници ќе можат да користат и гласовна комуникација ќе биде доволна таму да остане уште некое време.
Овој потег секако ќе ги загрижи мобилните оператори кои веќе доволно изгубија од заработката од СМС пораките.
-Наша мисија е луѓето да останат во контакт и тоа да биде пристапно. Наша цел е да бидеме на секој телефон во светот- рекол Коум и додал дека влезот на ФБ во приказната нема да го отргне WhatsApp од зацртаниот план да достигне милијарда корисници и да не воведува реклами на својот сервис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


