| четврток, 6 декември 2018 |

Бузек: Опозицијата да се врати во парламентот

СДСМ да се врати во Собранието и да работи на политичкиот дијалог со власта, порачаа европратениците кои одговорноста за политичката криза ја лоцираа кај опозицијата и нејзиното делување

Buzek_3200|
Делегацијата од Брисел предводена од поранешниот претседател на европскиот парламент Јиржи Бузек предупредија дека во прашање се става имиџот на државата и нејзината евроатланска интеграција.

– Парламентот е единственото место каде што, според начинот како е организирано, може да се слушнат различни мислења – не само владиното мислење, ами и мислењата на опозицијата по различни прашања. Токму затоа присуството на опозицијата во Собранието е особено значајно. При тоа мислам дека и власта и опозицијата се еднакво одговорни за таквиот дијалог, кој треба да се одвива по принципите на владеење на правото и според интерните правила во парламентот. Исто така двете страни треба да се одговорни за функционалната демократија како услов за евроинтеграциите имајќи ја предвид високата поддршка од граѓаните на оваа држава за членство во Унијата. Потребно е опозицијата што поскоро да се врати во Собранието, а разговорите да продолжат таму – вели Бузек за Дневник.

Бузек, како што пренесува весникот е оптимист за Резолуцијата за евроинтеграцијата на Македонија, која е пред европарламентарците, а на која по десетици амандмани поднесоа бугарските и грчките претставници во ЕП.

– Многу вообичаено и природно е пред донесувањето вакви документи, кои се однесуваат на комплицирани прашања, како што е процесот на проширување, да има различни, па дури и напорни дискусии. Некогаш тие траат со недели, а некогаш се прават и различни компромиси. Во вашиот случај, искрено се надевам, а и мошне сум сигурен дека резолуцијата ќе биде главно позитивна, особено во делот на одредување датум за почеток на преговорите, вели тој за Дневник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top