| четврток, 6 декември 2018 |

Грипот уби уште двајца

grip

Од Клиниката за инфективни болести во Скопје информираат дека денеска починале двајца пациенти кај кои е добиена лабораториска потврда за присуство на инфлуенција А.

Според информациите од Инфективната клиника, пациентите веќе 10 дена биле хоспитализирани на Инфективната клиника со тешка клиничка слика и повеќе хронични заболувања. Станува збор за маж на 65 години и жена на 74-годишна возраст, и двајцата од Скопје.

Починатата жената била со хронична срцева слабост, хипертензија, билатерална бронхопневмонија и подолго време имала отежнато дишење. Починатиот маж боледувал од карцином, астма, дијабет, акутна бубрежна слабост, прележан мозочен удар и тешка двострана бронхопневмонија.

Од Клиниката информираат дека и покрај спроведената антивирусна терапија и повеќедневните напори на лекарите, кај пациентите денеска била констатирана смрт.

На клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 115 пациенти, од кои 60 проценти се со клиничка слика на грип, а 10 се во потешка здравствена состојба и се третираат на одделението за интензивна нега.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top