Уште во осумдесеттите години на минатиот век професори на УКИМ изработија план за експлоатација на дури 408 локации, каде што водниот потенцијал е стабилен за да произведува струја. За разлика од многу држави каде што водниот потенцијал е концентриран во дел од територијата, Македонија е земја каде што, буквално, во секој нејзин предел има неисцрпен извор на вода, која е услов за производство на стабилна струја. Притоа, не се загадува животната средина, а придобивката и за државата во целина и за регионите каде никнуваат малите хидроцентрали е непроценлива.
Како прва и основна придобивка од изградбата на малите хидроцентрали е замената на скапо увезената струја, истакнува за „Република“ професор д-р Христијан Мицкоски од Машинскиот факултет од Скопје. Тој учествува во изработката на неколку мали хидроцентрали, кои се дел од претходните објави.
– Да, секако може да се каже дека изградбата на мали хидроцентрали и производството кое ќе следи од нив значително ќе го супституираат увозот на струја. Затоа и се овие јавни повици. Доколку, пак, хипотетички се изградат сите 408 локации, тогаш таа замена ќе биде значителна – проценува Мицкоски.
Малите хидроцентрали што се градат во Македонија, како и тие што се нудат, се со различен капацитет, до 3 или 4 мегават-часови. Но, инсталираниот капацитет не гарантира и производство. Односно, кога станува збор за мали хидроцентрали, тоа што треба да се мери не е капацитетот, туку тоа што ќе го замени увозот, колку ќе произведат тие. А, тие ќе произведат толку колку што имаат материјал, односно вода.
– Можам да кажам дека Македонија е прилично стабилна држава во однос на расположливите податоци за водниот потенцијал. Управата за хидрометеоролошки работи има мошне надежни податоци кои ги прифаќаат и светските банкарски институции во делот на кредитирање на тековните инвестиции, инвестиции кои се последица на претходните објави. Да бидам појасен, тоа подразбира дека Управата располага со податоци за 60 години наназад, што дава јасна слика за идните инвеститори. Тие знаат со каква водна расположливост се нивните потенцијални вложувања во малите хидроцентрали – објаснува Мицкоски.

Пакети поткрепени со знаење
Ако досега искуството од таквите објави посочуваше дека поголемите електрани, со капацитет поголем од еден мегават, се поатрактивни за инвеститорите на сметка на помалите заради таканаречениот „фидинг“, овој пат беа сменети начините на тарифирање, но имаше и измени кога е во прашање приклучокот на дистрибутивната мрежа. Сепак, најголемата измена е нудењето пакети локации.
– Групирањето на централите, најпросто објаснето, значи дека ако на еден водотек има пет локации, тогаш, доколку се јават повеќе инвеститори, може да се случи тие да не може да се изведат технички или да се изведат многу тешко. Потоа следува оптимизација на техничкото решение, а со тоа и на производството и на приходот. Имајќи предвид дека за 20 години Македонија ќе ги наследи овие ХЕЦ, во своето производно портфолио ќе има пооптимално решение. И како последно, приклучувањето на електроенергетскиот систем е многу поедноставен, неколку локации ќе бидат закачени на еден далновод. Сето тоа привлекува многу повеќе инвеститори – анализира Мицкоски.
Во принцип, инвестирањето во мали хидроцентрали е предизвик за секој инвеститор бидејќи тоа изобилува со многу знаење и со искуство, додава Мицкоски. Технологијата и начинот на која се изработуваат малите централи се идентични каде било во светот. Така, со градењето на централите, Македонија добива современа технологија која е во чекор со времето.
При последниот јавен повик од Министерството за животна средина беше нагласено дека се направени измени за да се постигне поголема атрактивност за локациите. Па, што е тоа што инвеститорите го бараат кога се во прашање малите хидроцентрали?
– Атрактивноста зависи од многу фактори. Зависи од техничкиот капацитет на електраната, односно колкав инсталиран капацитет е понудено. Потоа зависи од приходот што би се остварил, а тоа зависи од повластените тарифи. Секако, тука е и брзината за завршување на административните чекори за вадење лиценци и документи за почнување со работа. Сепак, најзначајното што ја чини атрактивноста е логистиката со која располага земјата – посочува професорот од Машински факултет.

Логистиката чини 70 проценти од инвестицијата
Логистиката што ја посочува Мицкоски се однесува на тоа дали македонското стопанство може да ги задоволи барањата на евентуалните инвестиции во овој сектор. Стекнатото искуство од увидувањето на теренот покажува дека индустријата во Македонија е сериозна поддршка и база. Од една страна бидејќи се произведуваат основните елементи што се потребни и неопходни за изградба. Има фабрики што произведуваат цевки од полиестер, од полиетилен, од челик. Постои искуство и знаење за изградба на електроматеријали, а и градежниот сектор, кој е најдиректно вклучено, веќе има стекнато големо искуство.
– Тоа е и делот кој, всушност, е најголемата придобивка во овој дел од таквите објави, додава Мицкоски.
– Многу е значајно тоа што македонската индустрија и стопанството можат да опфатат и кај нив да остане преку 70 проценти од инвестицијата. Таа ќе се темели на домашната индустрија. Доколку сега се изградат условно сите 80 мали хидроцентрали, чија вредност е проценета на 170 милиони евра, тогаш условно меѓу 120 и 140 милиони евра директно ќе завршат во македонското стопанство, додава Мицкоски.
А, токму тоа е дел од придобивките што не се директно поврзани со струјата. Инвестициите значат и пари и вработување. Само во првата фаза, при изградбата која во просек трае три години, би биле вклучени неколку илјади работници.
– Таквите инвестиции со себе носат и друг ефект, кој можеби е најважен во руралните средини, каде што овие инвестиции се и најзастапени. Инфраструктурата што ја носат со себе е од непроценливо значење за локалните власти – изградба на патишта, далноводи, стабилно снабдување со струја. Ако на сето тоа се додаде и економскиот бенефит, претставува една успешна приказна – посочува Мицкоски.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 76. број на неделникот „Република“, 14.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


