
Фирмите, конечно, можат да здивнат, економската криза полека стивнува, па се отвораат нови перспективи и можности за работа. Странските инвестиции донесоа позитивни ветришта во стопанството, ја намалија невработеноста, го кренаа извозот на земјава, со што трговскиот дефицит полека почнува да се намалува. Но за уште поголем поттик на економскиот пораст неопходни се свежи пари во стопанството, со кои ќе може да набави нови машини и суровини за работа. Позитивниот економски амбиент што го создаде владата со низа мерки за олеснување на работењето на фирмите, создаде добра подлога за економски пораст на македонското стопанство, но сега на потег се банките, кои со пласман на кредити со пониски камати ќе го зголемат бројот на повлечени кредити, што ќе значи забрзување на процесот на заздравување на економијата. Инаку, банките годинава ја почнаа со намалени камати на кредитите и на депозитите, но за граѓаните, што, секако, ќе се одрази позитивно врз корисниците на овие средства, но во моментов многу позначајно е намалувањето на каматите на кредитите за фирмите бидејќи тие отвораат нови работни места и создаваат економски развој.
– Со оглед на позитивното движење на македонската економија и остварениот позитивен економски пораст, очекуваме зголемување на кредитната активност на банките кон претпријатијата. Се создава можност за продолжување на трендот на зголемување на извозот, но за тоа се потребни дополнителни инвестиции, кои треба да се обезбедат со кредити од банките. Очекуваме, како што се намалија каматите за граѓаните, да се намалат каматите и за кредитите за стопанството – вели Митко Алексов од Сојузот на стопански комори.
За стручњаците, банките беа похрабри во пласманот на нови средства, но има уште простор за такво нешто.
– Во минатиот период банките беа похрабри (и посигурни, со помалку ризици) во одобрувањето кредити на населението, особено на станбени кредити, кои се најсигурни поради сигурните хипотеки. Многу помалку се одобруваа кредити на претпријатијата поради присутните ризици во нивното работење што беа поврзани со економската криза. Во претстојниот период се очекува дефинитивно излегување на светската економија од повеќегодишната криза. Истото важи и за македонската економија. На тоа упатуваат и податоците за пораст на БДП и на индустриското производство во РМ во 2013 година. Тоа треба да е сигнал за банките за значително подобрени услови за економско дејствување во РМ, за постепено излегување од стегите на економската криза и за намалување на ризиците во работењето на фирмите. Тоа значи дека, како резултат на подобрените економски услови и како резултат на перманентно високата ликвидноста на банките во земјава, банките, во претстојниот период треба да ја засилат својата кредитна насоченост кон фирмите, со одобрување кредити со намалени каматни стапки, кои одговараат на новосоздадената економска реалност во земјава – смета професорот од Американ колеџ, Томе Неновски. Според него, причините за намалување на каматните стапки на банките се повеќекратни, но најсилно влијание има значителното намалување на т.н. референтна каматна стапка на НБРМ на 3,25 проценти.
– Силно влијание во тој правец имаат и одлуките на НБРМ за ограничување на обемот на благајнички записи што банките можат да ги запишуваат кај НБРМ. Од тие две причини, кај банките остануваат големи износи на ликвидни средства. Во таква ситуација банките, на некој начин, се присилени да ги намалуваат и активните и пасивните каматни стапки. Прво, тие неколку месеци по ред ги намалуваат пасивните камати, односно каматните стапки на депозитите на граѓаните и на населението затоа што им се намалуваат приходите од камати врз разни основи со кои би ги покривале каматите на депозитите. Истовремено, тие се присилени постапно, иако засега релативно бавно, да ги намалуваат и активните каматни стапки, односно каматните стапки на кредитите затоа што на располагање им останува висок износ на неангажирани средства. А неангажирани средства се скапи средства – вели Неновски.
За банкарите, пак, висината на каматните стапки на кредитите не секогаш е гаранција за успех или неуспех во работењето на фирмите.
– Во текот на изминатите години кај голем број клиенти и проекти се покажа дека каматната стапкa не е пресудна за успехот, ниту на компанијата, ниту на поединечните проекти. Ова е особено забележително за кредити што се одобрени со каматна стапка од 5,5 проценти во рамки на кредитната линија на ЕИБ (МБПР), а, сепак, извесен број од овие кредити станаа ненаплатливи – вели Маја Стевкова-Штериева, главен финансиски директор во Комерцијална банка.
Таа потврдува дека во текот на 2014 година Комерцијална банка извршила намалување на каматните стапки, и тоа неколку пати, за што клиентите на банката биле известени. Но, според неа, намалувањето на каматите за граѓаните не мора нужно да биде поврзано со намалување на каматите и за фирмите.
– При тоа беа опфатени и кредитите и депозитите, а овие намалувања се однесуваа и на банкарските продукти за населението и за правните лица. Сепак, намалувањата на каматите и за граѓаните и за фирмите не секогаш се паралелни и поради тоа не можат да се коментираат поединечните ефекти. Со секоја корекција на каматните стапки банката настојува да ја одржи каматната маргина, која е усвоена од страна на Собранието на акционери, како и од Надзорниот одбор на банката – објаснува Стевкова-Штериева.
Од НЛБ Тутунска банка уште на крајот на минатата година најавија засилена кредитна активност.
– НЛБ Тутунска банка по застојот во кредитирањето што го имаше во 2012 година и првата половина од 2013 година ќе се фокусира на кредитирање на мали и на средни претпријатија и на населението со задржување на големите корпоративни клиенти. Трендот на нефункционалните кредити се движи на нивото на претходниот месец. Тоа не е некоја алармантна бројка за да предизвика грижа кај банките. Процентот на нефункционални кредити е повисок кај фирмите, додека населението е поуредно во враќањето на своите обврски – најави првиот човек на Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.
Банкарите нагласуваат дека минатата година во повеќе наврати ги намалиле каматите за кредитите и дека тие во моментов се на најниско ниво. За годинава најавуваат зголемување на кредитната активност. Инаку, според последните податоци на НБМ, кои се однесуваат на ноември лани, просечната каматна стапка на кредитите во целиот банкарски сектор во земјава изнесувала 7,5 проценти, додека, пак, просекот на каматата на депозитите бил на ниво од 2,8 процента. Во јануари годинава, пак, каматите на кредитите биле 7,8 проценти, додека тие на депозитите 3,3 проценти. Ова покажува дека не само што е голема разликата меѓу каматите на кредитите и депозитите, туку и дека каматните стапки на влоговите паѓаат побрзо од тие на кредитите.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 76. број на неделникот „Република“, 14.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


