Поранешниот владика на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА), Јован Вранишковски станува минорна фигура која сѐ помалку може да ја загрози Македонската православна црква на патот до канонско единство со другите формално признаени ортодоксни цркви. Егзархот на Српската православна црква (СПЦ) во Македонија, кој во моментов одлежува затворска казна за криминал во затворот „Идризово“, не беше споменат ниту еднаш за време на отворениот дел за медиумите на средбата меѓу Иванов и Кирил во резиденцијата на Руската православна црква зад ѕидините на Кремљ. Извори од кабинетот на претседателот не сакаа ниту да потврдат ниту да демантираат дека тоа се случило и на затворениот дел од состанокот. Ова беше првата средба на високо црковно или политичко ниво во последниве неколку години на која пресудата за Вранишковски не беше спомената како предуслов за продолжување на преговорите меѓу СПЦ и МПЦ.
Со тоа, и покрај официјалниот став на Светиот синод на СПЦ и на Цариградската патријаршија, кои со пари и со статус го поддуваат својот пулен, Вранишковски, дефинитивно, ја губи поддршката за своите (не)дела во Македонија. Не е само московскиот патријарх тој што увидел дека Македонската православна црква е неприкосновен центар на православието во Македонија и во епархиите на МПЦ – ОА во Европа, американскиот континент и во Австралија. За тоа се свесни и патријархот Вартоломеј, кој на погребот на починатиот српски поглавар Павле индиректно побара СПЦ и МПЦ да седнат на маса и да ги решат проблемите. Свесни се и српските владици, кои се надеваа дека преку Вранишковски можат да ја вратат српската црковна хегемонија во Македонија.
Македонија ја нема и во канонскиот и во неканонскиот диптих
Причината за неспоменувањето на поглаварот на МПЦ во литургијата на патријархот Кирил е јасна, неговата црква не е во т.н. диптих или листа на признаени православни цркви чии имиња се споменуваат во литургиите. И тука се отвора прашањето за двојните стандарди кон Македонија. Ако за сите во православието важат каноните што ѝ се наметнуваат на Македонската православна црква, тогаш поради својот диптих и РПЦ треба да биде прогласена за неканонска црква. Имено, покрај официјалниот диптих според кој се води Цариградската патријаршија, во православието има најмалку уште еден паралелен – руски. Двете најмоќни цркви воопшто не разговараат за овој проблем иако е крајно нелогично истата црква која постојано говори за духовно и за канонско единство да користи два различни списоци во своите литургии. До петтото место во диптихот на двете цркви нема разлика, прва е Цариградската патријаршија, која го има правото да повикува на собор, да посредува и да биде судија во споровите, по неа следуваат Александриската црква, Антиохиската и Ерусалимската црква, со која завршува листата на древните цркви што се дел од т.н. грчки блок. На петтото место, според Цариград, е Московската патријаршија, а веднаш по неа Белградската, која е позната како „Eklisia tis Servias“ или Црква на Србија. Следуваат Романската црква, Бугарската и Грузиската црква. По нив следуваат 7 цркви што не се на ранг на патријаршија, туку се автономни, афтокефални архиепископии или митрополии (Кипарска црква, Грчка, Албанска, Полска, Чешко-Словачка, Финска и Естонска црква). За разлика од овој редослед, кој го почитуваат сите грчки цркви, во рускиот диптих СПЦ, наместо на шестото место, е седма, а Грузиската црква е последна од автокефалните.
Во меѓувреме, Вранишковски и неговите следбеници не успеаја да се здобијат со епитетот маченици, што беше главната цел, ниту да придобијат повеќе од неколку стотини приврзаници. Ниту изјавата на неговата мајка, која тврди дека Јован секогаш се чувствувал како Србин, не можеше да го спаси од сликата на предавник на македонската црква и на македонскиот народ. Приказните за единственото православие, каде што сите верници се дел од иста заедница во која не е важна националната припадност, кои можеби се канонски исправни, никаде не важат, освен во случајот со Македонија. Дури и најмоќниот во православниот свет, а петти по хиерархија – рускиот патријарх – не ја признава оваа теза директно уривајќи ја со отворениот конфликт што го има со првиот на листата, Вартоломеј.
Патријархот Кирил е човек што повеќе од 30 години е дел од најпочитуваното јадро на Руската православна црква, кое води битка за превласт во православниот свет во кој формално најголемо влијание имаат блокот грчки цркви и првиот по хиерархија, цариградскиот патријарх.

За тие што се посомневаа дека промакедонските изјави на Кирил се израз на некаква случајност или сенилност, треба да се каже дека рускиот поглавар точно знаеше дека во собата во која се сретна со претседателот Иванов има претставници на македонските медиуми кои ќе го пренесат секој негов збор во Македонија. Тој немаше дилема ниту дека неговите забелешки за МПЦ – ОА ќе бидат пренесени низ православната екумена. Очекувано, српските владици извештајот за јавниот настап на Кирил го добиле истиот ден, а грчките владици следниот ден. Веднаш потоа во засегнатите цркви почнала дискусија на различни нивоа како да се реагира на пораките од Москва. Тоа што во соопштението, кое е објавено на веб-сајтот на РПЦ, ги немаше деталите од разговорите со Иванов не значи дека патријархот се оградува од тоа што го кажа на средбата, што, всушност, е документирано и со видеозапис.
Тоа што беше зачудувачки за присутните медиуми, но и за дел од опкружувањето на патријархот, е што тој отворено го детектира и уште поважно прецизно посочи каде е проблемот со непризнавањето на МПЦ. Кирил ја поврза блокадата за македонската црква со прашањето за идентитетот на македонската нација, со што, всушност, го направи најголемиот грев за грчката струја во православниот свет. Тој, за разлика од српските и од грчките верски лидери, кои постојано го држат отворено прашањето за (непостоењето) на македонската нација, недвосмислено покажа што мисли за тоа Русија и го затвори тоа прашање. Се разбира, Кирил на почетокот на свечената литургија, на која присуствуваше претседателот Иванов, не го спомена поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан, но затоа пред највлијателните руски телевизиски станици што ја следеа литургијата, некои од нив и во живо, упати посебен поздрав до претседателот на Република Македонија.

Колку и да е тоа направено поради најголемиот хиерархиски противник на Руската црква, сепак, мора да се каже дека Кирил е познат по своите принципиелни ставови, кои понекогаш се предмет на критики од неговите противници, од кои тој не се откажува по ниедна цена. Се разбира, погрешно е да се очекува дека Македонската православна црква со неговите изјави ја добила битката за автокефалност.
Правилата во ортодоксното христијанство велат дека томосот не зависи од најмоќниот, туку од црквата-мајка или од првиот по ранг. Објективно, МПЦ – ОА има шанси да го добие тоа што, според сите верски експерти, го заслужува само ако се согласи да си го смени името, ако влезе како предмет на трговија меѓу Кирил и Вартоломеј или нивните наследници или ако најмоќните се договорат да се почитуваат изворните принципи врз основа на кои се добива автокефалност. И, пред сѐ, доколку во црковните игри останат само религиозните, а не и политичките интереси.
За разлика од блокот грчки цркви, кои не се загрозени од Руската црква поради својата старост и заштитата од Цариград и својата битка и во иднина ќе ја водат отворено колку што тоа го дозволува добриот црковен вкус, во Србија состојбата е поинаква. Иако СПЦ беше индиректно прозвана од првиот човек на Руската црква, досега ниту еден српски владика не излезе со коментар за изјавите од Москва. Колегите од Белград брифираат дека од нив се бара време за анализа на зборовите на Кирил. Српската црква, иако е во многу блиски односи со Грчкиот блок, во никој случај нема да се конфронтира со повеќе од 300 владици кои ги претставува Кирил и кој важи за најголем авторитет во православието на преминот од 20 во 21 век. Фактот што само за пет години откако е поглавар го зголемил бројот на владици во руските епархии за двојно покажува колкава формална и духовна моќ има рускиот патријарх. Затоа неговите зборови за Македонија имаат посебна специфична тежина дури и ако тие се кажани во контекст на Вселенскиот собор, кој, најверојатно, ќе се случи идната година во Истанбул.
(Пишува: Горан Момироски
Текст објавен во 76. број на неделникот „Република“, 14.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


