Приврзаниците на партиите од опозицискиот блок во Албанија во главниот град Тирана одржаа мирен протест, на кој беше искажано незадоволството од владата на Еди Рама. Маршот почна од плоштадот ,,Скендер-бег“ и продолжи до Владата на Албанија, каде што претседателот на Демократската партија, Лулзим Баша, кој беше единствен говорник, рече дека оваа влада ѝ нанесува големи штети на државата како во однос на правата на граѓаните, така и во однос на интеграциите на земјата во ЕУ. Според Баша, ова е најголемиот и најмасовен протест што некогаш е одржан во Албанија, а тоа е резултат на револтот на граѓаните против корумпираната власт и власт на олигарси.
– Тука сме за да ѝ укажеме на владата веднаш да се врати на патот што нуди примена на законот, а не на безаконие како што е сега – истакна Баша и упати обвинувања до Рама за протерување голем број на административни работници без законска основа, како и за разни манипулации.
Голем дел од учесниците на протестот извикуваа и бараа да говори и поранешниот премиер на десницата, Сали Бериша, но тој не се појави на говорницата и покрај тоа што беше заедно со сите пратеници на десницата меѓу протестантите. Голем број полицајци ги обезбедуваа институциите на власта, но не беше регистриран ниту еден инцидент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.