Скијачот од земјата што никогаш не видела снег е атракција во Сочи
Тимот на Јамајка во боб и неговото учество на Зимските олимписки игри не е единствената атракција на Игрите во Сочи. Иако подвигот на Јамајка од 1988 година да состави тим со кој ќе се натпреварува во боб и ќе претставува земја што никогаш не видела снег е прв и најпознат, не помалку е атрактивен и годинешниот натпреварувач од Источен Тимор.
Островот, каде што никогаш не биле измерени помалку од 20 Целзиусови степени и каде што нема ни соодветен збор за скијање, првпат испрати свој претставник на ЗОИ. Деветнаесетгодишниот Јохан Гут Гонкалвез по само неколку месеци напорен тренинг, се квалификуваше за Игрите, а во Сочи се натпреварува во алпската техничка дисциплина слалом.
Приказната за тоа како ова момче стигна до најважното спортско натпреварување во светот, станува уште поинтересна кога ќе се спомене фактот дека неговиот тренер, Александар Витанов, е Македонец, кој е роден и израснал во Битола.
Битолчанецот Витанов со тројца олимпијци во Сочи
Александар Витанов цел живот е на скии. Неговата љубов кон зимските спортови, особено скијањето, го донесе во Франција, каде живее и работи од 2004 година. Во 2009 година тој го формира скијачкиот клуб „Моушн тим“ (Motion Team), кој годинава на ЗОИ испрати дури тројца натпреварувачи.
Осумнаесетгодишната Ања Каил го освои 22. место во супервелеслалом на ЗОИ во Сочи, што е голем успех за нејзината земја Романија. Конор Лин од Ирска ќе се испроба во категоријата велеслалом, додека третиот пулен на Витанов, Гонкалвез, ќе скија слалом.
Момчето кое е родено во Париз ја претставува земјата од каде што доаѓа неговата мајка и од која самиот се чувствува дел, Источен Тимор.
Од шега до Олимписки игри
Гонкалвез го засакал снегот уште на осумгодишна возраст кога еден пријател му кажал дека еден ден ќе стигне до Олимписките игри. Оваа шега тој навистина ја сфатил сериозно. Почнал редовно да тренира на 12-годишна возраст, за време на викендите и на распустите. Секоја сезона тој морал да најде 70.000 евра за својата љубов, но затоа, пак, Источен Тимор и дел од тамошните бизнисмени никогаш не штеделе.
Тоа што светот ја дозна неговата приказна, неговото учество во разни емисии и текстовите за него помогнаа за големо промовирање и за реклама на земјата.
Средба меѓу Витанов и Гонкалвез
Во „Моушн тим“ Гонкалвез се придружил во октомври минатата година. Иако поминал само неколку месеци со тимот на Витанов, тој добро ги искористил.
– Во почетокот бев малку скептичен бидејќи тој никогаш не се натпреварувал, а нашиот тим е многу силен и напреден за него. Но, тој беше многу упорен, тренираше напорно и успеа да се квалификува за Игрите – раскажува Витанов.
Како што вели Витанов, Јохан е навистина позитивно момче, а тимот веднаш го прифатил. Иако се свесни дека е далеку од подиумот, и двајцата се надеваат дека тој успешно ќе ги претстави и тимот и земјата.
– За Јохан самото учество на Зимските олимписки игри е остварување на сонот, не само негов туку и на секој скијач или спортист воопшто – вели Витанов.
Македонскиот тим има голем потенцијал
Покрај следење возбудливи натпревари, деновите во Сочи се поминуваат и со голема дружба и забава меѓу сите тимови од светот. Се разбира, Витанов помина голем дел од времето и со македонските претставници.
Според него, Македонците имаат голем потенцијал, но им недостигаат подобри услови.
– Мислам дека во Македонија има многу таленти и тие имаат потенцијал за важни натпревари, но ќе можат да се покажат само ако имаат подобри услови. Тие работат и се трудат навистина многу, но скијањето на високо ниво бара многу повеќе од тоа – вели Витанов.
Првиот пар зимски ракавици во Источен Тимор
Со местоположба во југоисточниот дел на Азија, островот Тимор се наоѓа северно од Австралија. Населението во источниот дел, поточно Демократската Република Источен Тимор, е познато по својата традиција кон уметноста, а особено љубовта кон поезијата. И нивниот премиер е познат и реномиран поет.
Жителите на Источен Тимор сакаат атлетика и бадминтон, зборуваат португалски и на нивниот јазик тетум, а обожаваат свинско месо и риба.
Имајќи предвид дека нивната клима е тропска и преовладува жешко време, суви сезони и период кога владеат монсуните, најниската температура измерена во Источен Тимор е 20 Целзиусови степени. Логично, тука никогаш не заврнал снег. Токму затоа, кога Гонкалвез ја имаше честа да го запознае претседателот на земјата на неговата мајка, Таур Матан Руак, и симболично му ги подари своите зимски ракавици, тие беа првиот пар ракавици што некогаш се нашле на островот.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 76. број на неделникот „Република“, 14.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст