Настава во средното училиште во општина Шуто Оризари ќе има од почетокот на учебната 2014/2015 година. Објектот денеска го посети министерот за образоваие и наука, Спиро Ристовски.
Изградбата имаше застои поради имотно-правен спор што се појави по поставувањето на камен-темелникот, а потоа поради неодговорност на дел од претходните изведувачи. Нов изведувач е градежната фирма „Виа Вевчани“.
Тоа ќе биде прво средно училиште во Шуто Оризари. Инвестицијата од 100 милиони денари е на Владата на РМ, која со исто толку средства ја финансира и доизградбата на двете основни училишта во оваа ромска општина – „26 Јули“ и „Браќа Рамиз и Хамид“ кои, исто така, ќе бидат готови до 1 септември.
Зградата се простира на 4.500 квадратни метри, има 18 кабинети, библиотека и училишна спортска сала. Ќе има капацитет за околу 900 ученици во една смена, што одговара на бројот на средношколци во општината, кој се движи околу 800. Во соработка со Град Скопје и врз основа на анализа за потребите на граѓаните од општината Шуто Оризари, ќе се дефинира каков вид средно образование и кои насоки ќе ги нуди новото училиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.