Продукцијата на „Икс-фактор“, „ МБК“, реагираше на написите во повеќето македонски веб-сајтови, кои без да се обратат до нив објавија информација со која го нападнаа нивниот ексклузивец Даниел Кајмакоски.
– Нашиот ексклузивец Даниел Кајмакоски беше повикан од организаторот на „Златна Бубамара“ господинот Ранко Петровиќ, кој се обрати официјално до нашата „МБК“ продукција со барање Даниел да присуствува на манифестациајта „Златна бубамара на популарноста“ на ден 19.2.2014 година, при што ќе ја прими наградата за откритие на годината и ќе има свој настап. Барањето на господинот Петровиќ беше да присуствува и претставник на нашата продукција бидејќи треба да ја прими наградата што оваа реномирана манифестација ќе му ја врачи на проектот „Икс-фактор“ како најуспешен балкански проект.
Нашата продукција со големо задоволство го прифати ова барање и тоа беше одобрено. Господинот Петровиќ ги презема на своја одговорност сместувањето и патувањето на нашиот ексклузивец и на нашите вработени – велат од МБК.
Во нивната реакција се нагласува дека присуството на Даниел во Скопје е исклучително заради гостувањето на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ и дека никогаш официјално не добиле барање Даниел Кајмакоски да присуствува на прес-конференцијата што се одржа денеска во „Ситимол“.
– Запознаени сме со концертот на нашиот член на жири-комисијата, Кики Лесендриќ, но тој е приватен и независен проект од „Икс-Фактор“, секако на негово барање се согласивме да одобриме гостување на нашите ексклузивци на концертот закажан за 14 март во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Со ова сакаме да ги демантираме сите наводи дека Даниел Кајмакоски не дошол, не присуствувал, ги избегнал, или намерно не се појавил на закажаната прес-конференција. Нашиот ексклузивец е должен да се појави на места што се одобрени со официјално барање до нашата продукција „МБК“ и е известен за тие обврски.
Потврдуваме дека официјално барање од продукцијата „План Б“ никогаш нема пристигнато на нашата адреса и поради тоа немаа право да го повикуваат како гостин на прес-конференцијата, а со тоа да му нанесат штета на неговиот углед кај сите што го почитуваат тоа што го прави.
Нашиот ексклузивец и понатаму ќе настапува и ќе им биде достапен на своите фанови, како и на новинарите и на сите што сакаат да уживаат во неговата музика – велат од продукцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.