| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Задирањето во идентитетот не води до заеднички прифатливо решение

ivanov-veniz

На денешната средба меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и министерот за надворешни работи и заменик-претседател на Владата на Република Грција, Евангелос Венизелос, биле разменети мислења и информации во врска со процесот на евроинтеграции на Република Македонија за време на грчкото претседавање со Европската унија.

Претседателот Иванов ѝ посакал на Република Грција успешно претседавање со Европската унија и изразил очекување дека како претседавачи, и покрај фактот што не е во приоритетите, сепак ќе останат посветени на политиката на проширување и потенцирал дека Република Македонија бележи постојан напредок во клучните реформски области, што се потврдува и со петте последователни препораки за почеток на пристапните преговори, и дека клучна препрека за евроинтеграцискиот напредок и натаму останува прашањето за името.

– Овозможувањето на паралелно движење на процесот за решавање на билатералното прашање  и процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ,  кој се покажува како успешна и позитивна практика, доколку се примени во нашиот случај, ќе биде од корист не само за Република Македонија, туку и за Република Грција и за целиот регион – посочи Иванов.

Македонскиот претседател  му порачал на министерот Венизелос дека решение за отвореното прашање е можно само со стриктно придржување до рамката во која се води процесот во ООН, со почитување на постојните резолуции на Советот за безбедност, Привремената спогодба, меѓународното право и пресудата од Хаг. Иванов додал дека навлегувањето во прашањата од сферата на идентитетот и човековото достоинство не е дел од рамката и не придонесува кон напорите за наоѓање заемно прифатливо решение.

– Не доликува на две европски соседни земји во 21 век да не комуницираат на највисоко политичко ниво. Меѓу нашите земји има огромни можности и потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес – истакнал Иванов и ја повторил отворената  покана за посета на грчкиот претседател на Република Македонија.

На средбата биле разменети мислења и информации за актуелните случувања во регионот, односно околу европските перспективи на земјите од западен Балкан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top