Министерот за економија, Ваљон Сарачини, и директорот на АД МЕПСО, Синиша Спасов, денеска присуствуваа на почетокот на работите за изградба на последната делница од новиот двосистемски 110 киловолтен далновод Вруток – Полог – Тетово во атарот на селото Брвеница.
Во последната, трета фаза, според информациите од МЕПСО, ќе бидат изградени вкупно 38 столба, при што кај 23. градбата веќе е почната додека 15 ќе почнат да се градат во зависност од временските услови. Работите ги изведува ЕМО од Охрид.
Се очекува изградбата да заврши до оваа есен по што под напон ќе се стави целиот далновод во должина од 33 километри со 133 поставени челично решеткасти столбови со вкупна вредност од околу 3 милиони евра.
Од МЕПСО информираат дека поставувањето на два системи за пренос на електрична енергија има двојно поголем капацитет со што се решава снабдувањето со електрична енергија на Полог во следните десетина години.
– Со новиот далновод придобивки ќе имаат и жителите на регионот и особено индустриските капацитети бидејќи на овој начин се добива постабилна и посигурна електрична енергија и се надминуваат големите проблеми од минатото кога имаше чести и подолготрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија – рече Сарачини.
Директорот на АД МЕПСО, Синиша Спасов, посочи дека за да се подобрат напонските пригоди во тетовскиот регион, формиран е еден прстен, така што, освен далноводот Вруток – Тетово, во следниот период ќе се почне со обнова и на далекуводот Скопје -Тетово за што се определени околу 3,2 милиони евра, а треба да почне кон крајот на април и почетокот на мај кога треба да се добие одобрението за градба.
Освен 110-киловолтниот, МЕПСО во Полошко инвестира и во набавка на нова примарна и секундарна опрема за 110-киловолтните трансформаторски станици Југохром, Полог, Тетово 1 и Тетово 2, Гостивар и Вруток во вкупна вредност од 1,27 милиони евра со што значително е зголемена доверливоста на електроенергетските постројки што се дел од преносната мрежа на МЕПСО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.