Од почетокот на наредниот месец сите повици во земјава ќе станат национални и ќе добијат нова поевтина цена, па наместо досегашните три ќе чинат еден денар, најави денеска директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски.
Тој нагласи дека нема повеќе локални и национални повици, односно сите ќе бидат национални и без разлика од каде и да се врти цената ќе биде иста.
Ордановски уште еднаш упати апел до сите оператори во земјава да се однесуваат поодговорно и да ги почитуваат законите, а фокусот да им биде на корисниците.
Тој нагласи дека се забележани две поголеми девијации од страна на операторите кои се однесуваат на наградните игри кои ги организираат и продажбата на активни при-пејд картички.
Досега, како што информираат до АЕК, се примени 2.024 приговори и поплаки од граѓаните, од кои околу 970 се однесуваат за мобилната телефонија. Дури 70 отсто од тие приговори се однесуваат на преголеми сметки на цените, односно граѓаните се жалат од начинот на тарифирање на мобилните оператори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.