Првиот албум на Каролина Гочева со нови песни со носталгичен звук, „Македонско девојче“, публиката го опиша како развигорец во едноличната музичка понуда во Македонија. Сега таа повторно ги преплетува старото и новото затоа што, како што вели, сѐ уште има што да каже во тој тип музика.
Откако со Златко Ориѓански го направивте албумот „Македонско девојче“, како да се преориентиравте на тој тип музика. Што беше пресудно за да се одлучите да направите и втор албум „Македонско девојче 2“? Дали се пронајдовте себеси во тој тип музика?
Каролина: Не би рекла дека се преориентирав на овој тип музика. По „Македонско девојче“ излезе и мојот поп-албум „Капка под небото”. Моите обожаватели, пред сѐ, ме препознаваат по тој тип музика. За вториот дел беа пресудни моите обожаватели, а и моето внатрешно чувство дека сѐ уште имам што да кажам (испеам) во тој тип музика, во кој се преплетуваат старото и новото. Таа музика ја носиме во нашите гени.
Соработувате ли се уште со Ориѓански?
Каролина: Не, не соработуваме. На новиот албум работеа комплетно нови автори.
Во јавноста како најава пуштивте две песни од новиот албум. Публиката ги прифати одлично, но колку сте вие задоволна од нивната реакција на „Чалгиска“ и „Две лири“?
Каролина: Апсолутно сум задоволна, позитивните реакции и коментари не стивнуваат. Секојдневно преку социјалните мрежи добивам пофални зборови од моите навивачи, а и медиумите, посебно радијата, ми испраќаат информации за огромниот интерес на нивните слушатели, што значи дека имаме одличен проект. Особено има добри реакции за „Две лири”, се чини песната стана евергрин за помалку од еден месец.

Зошто се решивте на пет одделни концерти во Македонската опера и балет, а не за два концерта во спортскиот центар „Борис Трајковски“?
Каролина: Има неколку причини, најважно е дека за овој проект е потребна посебна атмосфера. МОБ дава чувство на интимен контакт со публиката. Тој контакт е дополнително потребен поради фактот што се работи за промоција на нов албум со песни што луѓето таа вечер ќе ги слушнат првпат.
Пет концерти во пет дена, за тоа, навистина, е потребна кондиција.
Каролина: Да, тоа е добар предизвик, сум имала три концерти по ред во Универзална сала, и тоа бара голем напор, но воопшто не се грижам. Секојдневно се подготвувам за тоа, како физички, така и психички. Убедена сум дека можам да одговорам и на овој предизвик.
Планирате да го промовирате албумот и во соседните земји? Сметате ли дека има простор и слух за таков тип музика и надвор од границите на Македонија?
Каролина: Се разбира, моето долгогодишно искуство од настапите низ цел Балкан е доволна потврда за тоа, но не само од Балканот. Моето евровизиско искуство ми донесе обожаватели од цела Европа, од кои и сега добивам коментари дека би сакале да слушнат што подготвувам ново.
Македонците слабо купуваат албуми, а пиратеријата ни цвета. Што очекувате од продажбата на „Македонско девојче 2“. Првиот албум „Македонско девојче“ беше хит, но како помина неговата продажба?
Каролина: Не само Македонците, целиот свет слабо купува албуми, тоа го кажуваат бројките. Можам да кажам дека првиот тираж од „Македонско девојче“ е распродаден и сега се прави реиздание. Се надевам дека и „Македонско девојче 2” ќе го постигне истиот успех иако уште повеќе се изменети условите од првиот албум досега, и тоа на негативно.
„Авалон продукција“ со години се грижи за Вашата кариера. Може ли да се каже дека воопшто не погрешила? Сте имале ли во некој момент спротивно мислење од нивниот зацртан план за Вас?
Каролина: Од самиот почеток со моите менаџери се работи со зацртан план. Секако дека некогаш имало различни мислења за некој дел од планот, но тоа е добро во нашата работа. На крајот секогаш правиме како е најдобро и мислам дека досега не сме погрешиле.

Македонскиот претставник на „Икс-фактор“, Даниел Кајмакоски, е автор на еден од Вашите најголеми хитови „Не се враќаш“. Му дадовте шанса кога никој не го познаваше. Што ве натера да ризикувате и кои се Вашите прогнози за него?
Каролина: Ми се допадна песната. Даниел е подобар како пејач и изведувач отколку како композитор. Не се занимавам со прогнози за „Икс-фактор“, навивам за него и се надевам дека ќе победи.Можеби сега, со ова искуство, би сакале да бидете дел од некое жири?
Каролина: Би сакала да бидам дел од жири. Еднаш сум била во Бугарија. Малку е жално што на крајот само еден победува.
(Разговараше: Марина Костовска
Текст објавен во 76. број на неделникот „Република“, 14.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


