-Австрија во моментов е втор најголем инвеститор во Македонија. Ние сме овде за да помогнеме таа да стане првa. Овде сме да им дадеме информации на компаниите кои сакаат да ги искористат можностите што ги нуди Македонија- истакна премиерот Никола Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Виена, пренесе МИА.
Груевски пред стотина австриски бизнисмени укажа дека Македонија има стабилна економија, стабилна валута, низок долг од 34,3 проценти од БДП што е многу важно во актуелната ситуација на криза во еврозоната.
– Со доаѓањето на власт пред седум години решивме да ги вратиме долговите. Во 2007, 2008 година имавме позитивни години со суфицит во буџетот. Ги вративме долговите порано и стигнавме до ниво 24,2 проценти и во време на европската должничка криза оневозможивме сериозни штети за македонската економија. Економскиот раст во изминатиот период е релативно добар- нагласи премиерот Груевски.
Тој потсети дека во 2007 Македонија имаше 6,1 проценти раст, во 2008, 5 проценти.
– Потоа почна глобалната економска криза. Растот се намали на 0,5 проценти во 2009 што беше најтешка година за нас. Во 2010 почна одредено опоравување и имавме раст од три проценти исто како и во 2011, а во 2012 поради европската должничка криза имавме намалување за 0,3 проценти и конечно минатата година имавме раст на БДП од 3,4 проценти во првите три квартали, што е четврти најголем раст во Европа- рече Груевски.
Според него, охрабрувачки е тоа што растот на БДП е на широка основа при што сите сектори, како што рече, забележаа позитивни стапки. Тој ги информира присутните бизнисмени дека неодамна и кредитната агенција Фич го потврди стабилниот кредитен рејтинг на Македонија (ББ+) како резултат на подобрените перспективи за економски раст, умерениот буџетски дефицит и државен долг, стабилната валута и стабилниот банкарски сектор. Како значаен позитивен фактор посочи дека Македонија има склучено договор за слободна трговија со сите европски земји не само од ЕУ, туку и со земјите од ЕФТА, Турција, Украина, сите балкански држави.
– Тоа отвора пазар од 660 милиони потрошувачи. Тоа значи дека секој што ќе произведе нешто во Македонија може да го извезе во земјите со кои имаме договор за слободна трговија без царина- истакна премиерот Груевски.
Груевски пред австриските бизнисмени додаде дека Македонија е и земја со најниски трошоци за водење бизнис, пред се осврнувајќи се на даночниот систем.
– Имаме најнизок даночен пакет за водење бизнис во Европа. Воведовме најповолен пакет на рамни и ниски даноци и ги поедноставивме постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 отсто, што е најниско ниво во Европа. Дополнително на ова од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди. Ова е многу голема поволност за инвеститорите- истакна Груевски на бизнис форумот што Владата во соработка со Фајненшл Тајмс го организираше синоќа во Виена, пренесе МИА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Австрија ги отвора вратите за Македонците: Бара келнери, сметководители, ѕидари, касапи
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница


