Грчки дипломати се меѓу осумте лица кои денеска беа обвинети за злоупотреба на девет милиони евра, наменети за проекти за отстранување на мини, информираат француските медиуми.
Полицискиот порпарол Христос Партенис случајот го оцени како „еден од најголемите случаи на злоупотреба, извршен против грчката држава“.
Во случајов се обвинети тројца неименувани грчки дипломати, тројца пензионирани чиновници, шефот на една невладина организација, која пред децении раководела со проектите и неговата сопруга.
Невладината организација „Интернешенел Мајн Инишиатив“ со седиште во Атина ја презела обврската од 2000 до 2004 година да ги расчисти минските полиња во БиХ, Либија и Ирак со средства од грчкото Министерство за надворешни работи.
Персоналот, најмен од невладината организација, меѓутоа, очигледно бил принуден да даде 30 отсто од својата плата како фалсификуван подарок за организацијата. Овие пари веројатно се искористени од организацијата за дополнително обезбедување на 25 проценти од проектите, со што бил исполнет условот грчката Влада да ги финансира останатите 75 проценти од проектите, соопшти полицијата.
Дел од незаконски стекнатите средства биле искористени за лични трошоци на неименуваниот претседател на невладината организација, кој е уапсен во Кипар, и сега се наоѓа во притвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



