Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е пред историска шанса да го добие томосот (признавањето од другите православни цркви) користејќи го латентниот судир меѓу Руската православна црква (РПЦ) и Цариградската патријаршија? Дали изјавата на патријархот Кирил, дадена по средбата со претседателот Ѓорге Иванов, дека непризнавањето на МПЦ ја слабее позицијата на православието, го навестува македонско-рускиот сојуз? Има ли намера Москва да му врати на Цариград за признавањето на Естонската православна црква во 1997 година (кумувано од Западот) само за да Естонија не биде во составот на РПЦ, со тоа што ќе издејствува признавање на МПЦ? Каква е улогата на Ватикан во сето тоа?
Ова се прашања кои како самите да си го даваат одговорот. Но, навистина, дали има надеж за признавањето на МПЦ-ОА, успех кој би имал далекосежни последици, дури и врз спорот за името. Да ги погледнеме настаните и аргументите кои се за и против.

Средба на Ѓорѓе Иванов со рускиот патријарх Кирил
Нема папа во православното христијанство
Деценискиот судир меѓу Московската и Цариградската патријаршија е една незгода која му нанесува огромни штети на православието. Дури и Ватикан често во својот весник „Ватикан инсајдер“ објавува дека внатрешниот судир на ортодоксната црква ја попречува милениумската желба на верниците од двете сестрински цркви за помирување. Ватиканските кардинали често прашуваат со кого треба да разговараат за тоа – со Кирил од Москва или со Вартоломеј од Цариград (Истанбул). Проблемот е во тоа што Царска Русија своевремено се сметаше за „третиот Рим“, поточно за наследник на последната Римска Империја, Источно Римско Царство или Византија, како што го нарекуваат историчарите. Но, тоа не значи дека вселенскиот патријарх решил да се откаже од власта туку-така, особено поради желбата и на неговите претходници да добие врховна црковна власт – или, како што пластично се изразуваат московските митрополити, да стане православен папа. Во православното христијанство нема таков авторитет, томосот за признавање на некоја црква се донесува консензуално, а еден човек никако не може да се претстави како глас Божји (како што е со папата во Ватикан).
Ситуацијата дополнително ја усложнуваат советските комунисти, кои, иако на почетокот ја гонеа црквата (нели верата е опиум за масите), подоцна, особено по Втората светска војна, сакаа Руската црква да го заземе местото на Цариград. Имаа два аргумента, едниот е дека РПЦ има 300 милиони верници под своја капа или две третини од сите православни верници, а вториот аргумент е дека Русија е таа што го спасила православието кога Отоманската Империја го покорила целиот останат православен свет.
По распадот на СССР, Цариград тргна во офанзива преку признавање на автокефалноста на Естонската православна црква (дотогаш под РПЦ) за да го намали бројот на верници на кои се повикуваат руските свештеници. Тоа беше во 1997 година, но набргу на сцената се појави Владимир Путин, кој веднаш им заржи на грчките попови во Истанбул, па Естонците се вратија под РПЦ, но добија некаква самостојност.
МПЦ – РПЦ, каков сојуз?
Да се вратиме на нашата црква. МПЦ во 1967 година прогласи автокефалност од Српската православна црква. Тоа беше направено спротивно на сите канони на православието, тоа е факт, колку и да не ни се допаѓа. Автокефалноста, по 20 години јурисдикција на СПЦ, беше поддржана од Тито, така барем се жалат српските свештеници, за кои оваа одлука е уште една од многуте (како давањето автономија на Косово) одлуки на Тито за да се ослаби позицијата на Србија во СФРЈ. Ова, најверојатно, е точно имајќи ја предвид моќта на маршалот во поранешната заедничка држава. Српските попови оттогаш наваму не можат да го преболат загубениот имот во Македонија (МПЦ е институција со најмногу имот во државава според Законот за денационализација). Како што е познато по распадот на Југославија, СПЦ се здружи со Грчката православна црква, на која, секако, најмногу ѝ пречи името.

СПЦ, потпомогната од српските тајни служби, постојано се плеткаше во круговите на МПЦ за да ги разедини. Пред скандалозниот Нишки договор и појавата на владиката Јован, кој денес е расчинет, МВР фати еден од српските „удбаши“ кои во Скопје го подготвуваа теренот за разбивање на Синодот на МПЦ. Таков беше примерот со Мирко Чавиќ, американски државјанин со потекло од поранешна Југославија, кој во 2000 година беше протеран од државава затоа што не ја пријавувал адресата на живеење во Скопје. Неофицијално се знаеше дека станува збор за оперативец на КОС. Чавиќ тогаш тврдеше дека МВР незаконски го избркало и дека работел во интерес на МПЦ, но полициски извори ги известија новинарите дека тој шурувал и со грчката православна црква. Како покритие, Мирко Чавиќ, пензиониран професор од САД, родум од Сремски Карловци, речиси два месеца организирал бајачки во еден подрум на улица Илинденска во Скопје. Но, тоа е само еден пример на роварење во редовите на МПЦ, за кој јавноста беше делумно информирана.
Значи, каков е сојузот со РПЦ? Имено, Русите знаат дека томосот за МПЦ е застрашувачко оружје, најстрашна анатема за Грците (уште еднаш да потсетиме дека 90 проценти од свештениците во Истанбул се Грци). Замислете, вселенскиот патријарх издал томос на црква која се вика македонска. Оттука и последните изјави на патријархот Кирил дека непризнавањето на МПЦ ја слабее позицијата на православието.
Но, дали е сѐ така, во наша полза? Има и контрааргументи.
Одлуки во Шамбези
Одлуките на последната конференција на признатите православни цркви во Шамбези, Швајцарија, во 2009 година, со кои се бара секоја непризнаена црква да биде признаена од другите пред да го добие томосот од Вселенската патријаршија, се сѐ само не добри за нашата црква.
Такви размислувања има кај повеќе теолози, но и кај високи свештеници на МПЦ. Владиката Петар и архиепископот Стефан тогаш ги смируваа верниците дека не постои вето во православието.
Но, покрај таа одлука за консензус, на конференцијата во Шамбези црквите се договорија и за значењето на другите статуси на црквите, како автономија и самостојност. Под автономија се подразбираат одредени слободи на една црква, но само во рамките на црквата-мајка, додека терминот самостојност го користи само Руската патријаршија. Со тој термин, исто така, се означува само одредена слобода, но во рамките на Руската патријаршија.
МПЦ се надева на една шанса за автокефалност, по примерот на Бугарската православна црква. Таа не беше признавана од Вселенската патријаршија цели 85 години, за на крајот да биде признаена со кршење на едно чудо канони. Во црковните кругови се смета за погрешно релативизирањето на ситуацијата од страна на владиката Петар и на архиепископот Стефан.
Николај Балашов, претставник на РПЦ, непосредно пред конференцијата во Шамбези, беше во Македонија и предлагаше МПЦ да добие статус на самостојна црква. Владиката Петар објаснуваше дека зборот самостојност, всушност, е словенски превод на грчкиот збор автокефалност.
Тоа денес и не вреди многу. Со одлуката во Шамбези е дефинирано што значи самостојност. Може да бидеме самостојни, но само во рамките на друга црква, што повторно ја тера водата кон српската воденица. Некои сметаа дека судирот меѓу Руската патријаршија и Вселенската патријаршија со одлуките во Шамбези е окончан.
Покрај бугарската, со кршење на каноните е признаена и Чешката црква иако највисокиот свештеник им е митрополит. Уште подрастичен е примерот со Албанската православна црква. Тие добија автокефалност од Цариград, само врз база на еден декрет што го донесоа, и тоа неодамна.
Александар Божиновски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


