| четврток, 6 декември 2018 |

Кореја со нуклеарна бомба го возбуди светот (видео)

Севернокорејските власти денеска соопштија дека извршиле трета успешна подземна нуклеарна проба

v278074p0
Претходните две нуклеарни проби Северна Кореја ги изврши во 2006 и 2009 година.

– Пробата беше извршена успешно, при што беа почитувани неопходните безбедносни мерки. Беше употребена минијатурна и лесна нуклеарна направа со голема моќност, се наведува во официјалното соопштение на властите во Пјонгјанг, при што се додава дека пробата не претставувала никаква закана по животната средина.

Според севернокорејските власти, целта на пробата била „да се заштитат националната бебзедност и суверенитет“ на Северна Кореја од „непријателската политика на САД“.

 

– Овој потег ќе придонесе за гаранција на безбедноста на Корејскиот Полуостров, се додава во соопштението на Пјонгјанг.

Потврдата од Пјонгјанг уследи откако дипломат во ОН информира дека Северна Кореја извршила нуклеарна проба и покрај „сериозното предупредување“ од нејзиниот сојузник Кина.

Тој истакна дека ова што го направи Северна Кореја претставува „вистински предизвик за Кинезите“. – Пекинг, Москва и Вашингтон ги усогласуваат ставовите веќе неколкку дена и брзо ќе се договорат дека треба цврст одговор, додаде дипломатот, кој сакал да остане анонимен.

Друг висок претставник од земја-членка на Советот за безбедност на ОН нагласи дека Советот денеска ќе одржи вонредна седница, со цел да се договори како да реагира на оваа проба, со која Пјонгјанг ги прекрши резолуциите на Светската организација.

Овој месец со Советот за безбедност претседава Јужна Кореја, чиј амбасадор во ОН пред неколку дена предупреди дека ОН ќе преземат „многу силни мерки“ како одговор на евентуална трета нуклеарна проба од страна на Пјонгјанг.

Според властите во Сеул, севернокорејската атомска бомба била со моќност од 10 килотони, која при денешната проба предизвикала сезимичка активност.

Кинескиот сеизмолошки центар соопшти дека во Северна Кореја е регистриран земјотрес со интензитет од 4,9 степени според Рихтеровата скала, кој „најверојатно е предизвикан од експлозија“.

Меѓународната агенција за атомска енергија информира дека регистрирала „необична сеизмичка активност во Северна Кореја, со јасни карактеристики на експлозија“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top