Влезот на странски инвестиции во земјава, влијаеше на прилив на свежи пари во македонското стопанство, зголемување на извозот, но, најважно од сѐ, ја намали високата невработеност, која со години беше рак-рана на нашата економија. Со помош на вработувањата што се реализираа во фабриките на странските инвеститори заживеаја цели региони, кои до неодамна тивко замираа поради економската апатичност предизвикана од високата невработеност. Податоците на Агенцијата за странски инвестиции говорат дека странските инвестиции отворија речиси 10.000 работни места од кои повеќе од една половина се пополнети.Тоа значи дека толку луѓе обезбедија леб за своите семејства токму во фабриките што се изградија во државава во последниве неколку години, а благодарение на политиката на Владата за привлекување странски инвестиции. Плус работни места се отворија и во фирмите што соработуваат со странските инвеститори поради зголемениот обем на работа.
– За четири години странските инвеститори отворија повеќе од 10.000 работни места, а се очекува тие да се зголемуваат како резултат на природата на договорите, кои предвидуваат зголемување на вработувањата во текот на наредните години. Дополнителни работни места се отвораат од домашните компании како резултат на соработката со странските фирми во процесот на инвестициите и оперативното работење во земјава – вели директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида.

Висар Фида, директор на Агенцијата за странски инвестиции
Според податоците на Државниот завод за статистика од Анкетата за работна сила, во третото тримесечје од 2012 година стапката на невработеност изнесувала 28,7 проценти.
Намалувањето на стапката на невработеност под 30 проценти во 2013 година укажува на позитивните ефекти од реализацијата на политиките за вработување, насочени кон отворање нови работни места, како и ефектите што ги даваат новоотворените работни места од мултинационалните компании, кои почнаа нови инвестиции или пренесоа дел од нивните деловни активности во технолошко-индустриските развојни зони во Македонија.
– Агенцијата за вработување на Република Македонија како одговорна институција за спроведување на програмите и на мерките за вработување, дефинирани во годишните оперативни планови за активни програми и мерки за вработување, има значајна улога и голема одговорност со своите активности успешно да придонесува во намалување на невработеноста, односно презема мерки и активности што придонесуваат да се зголемат вештините на лицата што активно бараат работа, да се зголеми нивната конкурентност на пазарот на труд со што се зголемува и нивната можност за побрзо вработување – вели првиот човек на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Канцелариите на „Џонсон контролс“ во Штип
Исто така, Агенцијата за вработување во делокругот на своето работење обезбедува и услуги и поддршка на заинтересираните странски работодавци.
– Во соработка со Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и со други институции, Агенцијата за вработување обезбедува низа информации за странските работодавци, кои се заинтересирани да почнат нови инвестиции во Република Македонија, како и за тие што веќе почнале дејност во Македонија, а се однесуваат на понудата на работна сила за даден регион, во однос на возраста, училишната подготовка, образовниот профил, работното искуство, како и информации за законската регулатива, информации за посредување при вработување, програми и мерки за подигање на вештините на понудената работна сила, односно обука, преквалификација, доквалификација, практикантство – додава Поповски.
Според официјалните податоци на Агенцијата за странски инвестиции за досега реализирани инвестиции, со веќе изградени фабрики во неколкуте слободни економски зони, се: „Џонсон контролс“ во Скопје и во Штип, „Џонсон мети“, „Кромберг“ и „Шуберт“, „Дрекселмајер“, „Ван хол“, „Текнохозе“, „Kемет електроникс“, „Протек груп“.
Сите овие капацитети досега имаат инвестирано околу 200 милиони долари и 112 милиони евра во земјава, а вработуваат или се во фаза на вработување на повеќе од 8.000 лица.
Инвестициите, пак, кои се во најава за реализација во скоро време тежат околу 70 милиони евра, а би отвориле околу 800 работни места.

Лабораторија на „Суташ“ во Скопје
Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Фида, смета дека поради зголемениот прилив на странски директни инвестиции во 2013 година, очекувањата се дека и во следната година ќе се задржи позитивниот тренд.
– Имено, најавени се повеќе нови инвестиции од компании што донеле конечна одлука за инвестирање. Сето тоа се должи на напорите што ги прави Агенцијата заедно со Владата на РМ, позитивниот пораст на БДП, како и конкурентските предности на земјата споредено со земјите во регионот – додава тој.
Што се однесува до профилот на работници за кои има побарувачка во фабриките изградени од страна на странските инвеститори, тој е од најразличен вид на занимање и степен на образование, соодветен на потребите на производството.
– Странските компании што почнале со вршење деловна активност во технолошко–индустриските развојни зони во Република Македонија, побарувале работници за вршење работни задачи од различни занимања и соодветен степен на образование, односно работници за вршење специјализирани задачи непосредно врзани со дејноста на работодавецот, но и работници со одредени вештини и знаења за вршење други работи неопходни за вообичаено функционирање на компанијата – објаснува директорот на Агенцијата за вработување, Поповски.
Според него, во претстојниот период се најавуваат и очекуваат нови странски инвестиции, кои ќе овозможат отворање нови работни места, а заедно со политиката за вработување ќе придонесат за зголемување на вработеноста и за намалување на невработеноста во Република Македонија.
(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 75. број на неделникот „Република“, 7.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст


