Јавното претпријатие „Куманово гас“ и годинава ќе продолжи со изградба на три илјади метри примарна гасоводна мрежа, информира директорот Драган Петровски.
Екипите ќе работат на потегот на источната зона од градот кон населбата „Гоце Делчев“, месноста „Митев Мост“ и Проевце.
Тој појасни дека со изградбата на градската дистрибутивна мрежа ќе се зголеми капацитетот на гасоводната мрежа од овој дел на градот.
Изградбата на гасоводната мрежа, според него, ќе продолжи во согласност со основниот проект за дистрибутивна гасоводна мрежа и за дел од градот опфатен со улиците „Октомвриска револуција“, „Трета Македонска ударна бригада“, „Гоце Делчев“ и „11 Октомври“.
Должината на секундарната гасоводна мрежа предвидена со овој основен проект е 22.000 метри и, како што потенцира, предвидено е да се гради со полиетиленски цевки.
Со овој проект, посочи Петровски, корисници ќе бидат граѓаните, кои живеат во месните заедници „Центар“, „Панче Пешев“ и „Благој Стефковски – Гојчо“, делови од месните заедници „11 Октовмри“, „11 Ноември“, „Христијан Тодороввски Карпош“, „Трета Македонска ударна бригада“, како и претпријатијата и јавните установи, кои функционираат на територијата на овие месни заедници.
– Со имплемантација на проектот, околу 3.000 домаќинства ќе можат да се приклучат на дистрибутивниот гасоводен систем во Куманово. Реално од овој број на потенцијални корисници очекуваме да се приклучат околу 500 домаќинства – изјави Петровски.
Во овој дел од градот, според него, лоцирани се значајни јавни и државни амдинистративни згради, како и комерцијални објекти, основното училиште „Бајрам Шабани“, автобуската станица, ветеринарна станица, пошта, Основениот суд, Секторот за внатрешни работи, Здравствениот дом, Народниот театар, спортска сала, спортскиот базен кој е во градба…
– На овој дел од градската гасоводна мрежа очекуваме да се приклучат над 200 приватни и правни субјекти, кои со своите седишта гравитираат во овие месни заедници – рече Петровски.
Тој информира дека расте интересот кај граѓаните за приклучување на гасоводната мрежа.
– Барања за приклучување кон мрежата има доставено и од индивидуални и колективни станбени згради за кои самите потрошувачи имаат набавено проектна документација за градба на гасоводна инсталација, врз основа на која ќе продолжи изградбата – додаде Петровски.
Во Куманово дванаесетина објекти се приклучени кон гасоводната мрежа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.