| четврток, 6 декември 2018 |

Свобода: Македонија ѝ е потребна на ЕУ

svoboda

За време на грчкото претседателство со ЕУ беше дадено ветување дека сите земји од регионот може и треба да ѝ се придружат на Унијата и ќе биде навистина голем чекор ако Грција, не само да вети, направи важни чекори за да се направи компромис и да почнат преговорите со Македонија затоа што навистина сте потребни во ЕУ. Потребни ни се сите земји, меѓутоа конкретно Македонија, која, навистина, толку долго чека да ги почне преговорите за членство.

Ова го нагласи Ханес Свобода, лидер на групата социјалисти и демократи во Еворпскиот парламент, на денешната конференција во Скопје на тема „Демократија, владење на правото и слобода на медиумите – клучни критериуми во напредокот на Европската унија“. Тој посочи дека оваа група во ЕП дава целосна поддршка за брзо зачленување на Македонија во ЕУ и ги повика двете страни да дојдат до решение за името, за што, подвлече, сигурен е дека Владата во Скопје прави сѐ за тоа да се случи.

Единството на земјата, порача Свобода, не смее да биде загрозено, а патот кон ЕУ, само ќе го засили единството. Според него, сепак, демократија без слобода на медиумите не е возможна.

За претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Македонија во последните осум години е поделено општество, во кое партијата и партиската книшка, како што наведе, диктираат сѐ во земјата.

Посочувајќи оти одговорноста да се води најголемата опозициска партија е одговорност и кон земјата и кон општеството во целина, Заев истакна дека СДСМ не само што бара да се смени овој амбиент во Македонија, туку документирано ги презентира начините на владеење на актуелната власт.

– СДСМ презема и конкретни чекори за враќање на демократијата во Македонија и секако како партија ќе успееме во таа наша намера.  Во програмата за СДСМ посебно внимание е посветено на демократијата, на владеење на правото на слободата на медиумите – рече во обраќањето Заев, додавајќи оти јавниот сервис мора да биде коректор на лошите политики на власта. Собранието, пак, рече, мора да носи закони по пат на дебати и максимално вклучување и на експертите и на јавноста. Говореше и за актуелните состојби во Македонија, при што изнесе низа обвинувања за власта за повеќе прашања.

Известувачот за Република Македонија во ЕП, Ричард Ховит меѓу другото истакна дека во Македонија има силен, авторитативен Парламент што може да врши независна контрола на извршната власт.

– Нашата група во ЕП никогаш не поддржува бојкот на Парламентот. Учеството во Парламентот е од клучно значење. Мора да се учествува без разлика колкави се предизвиците, порача Ховит. Во однос на претстојните претседателски избори, тој повтори дека нема да им кажува на политичките партии што треба или што не треба да прават. Тоа што го сакам, потенцира, е сите партии целосно да учествуваат во изборите.

Во областа на владеење на правото, оцени Ховит, има напредок, а тоа го кажал и во неговиот извештај за кој ЕП гласаше, но, сепак, смета оти постои селективна правда и мора да се биде многу внимателен што се кажува во јавноста во врска со тоа.

– Судството во секоја земја мора да биде независно од политички влијанија и вмешување. Мора да бидеме внимателни – рече Ховит.

Тој изрази загриженост во врска со слободата на медиумите  во однос на рангирањето на земјата според индексот на слободни медиуми

–   Овој индекс се чита во целиот свет и, сепак, се работи за репутацијата што ја добива земјата – рече Ховит, додавајќи оти го поттикнува почнатиот дијалог со новинарите. Забележа дека постои недоволна солидарност меѓу новинарите и оти тие не треба да се одредуваат според својата партиска припадност.

Извор: МИА

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top