Со средбата меѓу писателите за деца и ученици во Основното училиште „Коле Неделковски“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ почна кампањата за популаризација на македонската детска литература.
Писателите Стојан Тарапуза, Горјан Петрески, Велко Неделковски и Александар Кујунџиски се сретнаа со учениците во просториите на детскиот оддел на библиотеката и дефинираа 20 причини зошто да се изберат книгата и читањето како насока во одбирањето на вистинскиот пат на една здрава млада личност.
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на средбата ја истакна важноста од читањето и на создавањето навики за читање кај најмладите и ја поздрави кампањата за популаризација на детската литература, која во периодот што следува предвидува одржување средби меѓу писателите за деца и учениците од основното образование и во централните библиотеки „Другарче“, „Страшо Пинџур“ и „Цветан Димов“, како и 14-те библиотечни клонови на територијата на град Скопје.
– Стимулацијата на детското творештво и поддршката на проектите наменети за младата популација, е еден од приоритетите на Министерството за култура. Создавањето на млада читателска публика која ќе биде иден корисник на библиотеките во земјава, како мерка е вградена и во Националната стратегија за развој на култура 2013-2017 – рече министерката за култура.
Таа нагласи дека токму затоа поддршката на детската литература што ја дава Министерството за култура во рамките на Годишната програма е во нагорна линија.
– Оваа година, поради зголемениот број пристигнати проекти, е направен сериозен исчекор и поддршката е зголемена за околу шеесет проценти во споредба со претходните години. Годинава од пристигнатите педесетина проекти кои се однесуваат на детското творештво, дадена е финансиска поддршка на четириесетина проекти – рече Канческа-Милевска.
Годинава пред детската читателска публика ќе бидат претставени авторските дела на повеќе реномирани македонски писатели за деца, меѓу кои и на Александар Кујунџиски, Михо Атанасовски, Велко Неделковски, Стојан Тарапуза, Горјан Петревски, Марија Бабамова и Киро Донев. Министерството за култура даде поддршка за реализација на неколку зборници со детски творби, ќе бидат преведени најубавите бајки за деца од Ханс Кристијан Андерсен, како и бугарски и шведски народни приказни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.