Минатата година за лозарите беше добра, а се очекува и годинава да бидат задоволни. Субвенциите се исплатени во целост за 2013 година, а поддршката на Владата за лозарите и за земјоделството продолжува и натаму, им најави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, денеска на лозарите во Неготино каде што по повод празникот Свети Трифун присуствуваше на закројување на виновите лози.
Вицепремиерот истакна дека за 2013 година се исплатени 386 милиони денари на 12.615 лозари, од кои 105 милиони се за лозарите во Неготино.
– Тоа ја покажува грижата на Владата за лозарите – додаде Ставрески и додаде дека за земјоделците секогаш ќе има пари во Буџетот .
Додаде дека субвенциите не се единствената грижа на Владата и локалната власт, туку дека се грижат и за останатите сегменти од целокупното живеење на сите граѓани во коишто исто така има резултати.
Потсети на ефектите од отворањето на германската инвестицијата „Дрекслермаер“ во Кавадарци во која се вработени 900 лица од Неготино, што според вицепремиерот ја покажува грижата на Владата на Република Македонија за отворање нови инвестиции, фабрики и доделување субвенции.
– Континуирано ќе продолжиме со грижа кон сите граѓани на државата и подобрување на нивниот живот од сите аспекти – нагласи Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.