Ги засакуваме за момент, а исто толку ни е потребно и за да им го свртиме грбот. Музичките реални шоуа се одлична можност за младите таленти да покажат што знаат, но што се случува кога ќе го напуштат „рајот“?
Продукциите што се организатори создаваат совршена слика за тоа каков третман треба да добие еден музичар. На натпреварувачите во тие неколку месеци им е обезбедено речиси сѐ – место и време за проба, совети од искусни музички ветерани, работа со врвна група, стилисти, шминкери, фризери и, најважното од сѐ, простор и огромна медиумска подлога за промоција.
Лошото доаѓа подоцна. Додека во поголемиот дел од светот учеството во реално шоу на оние што заслужуваат им го носи тоа што го бараат, светска слава и можност да заработуваат од тоа што најмногу го сакаат – музиката, Балканот повторно се покажува како сурово место за опстанок.
Македонија има талент
Македонија имаше и повеќе од одлични претставници во регионот. Мразот го скршија Ноне Неделковска и Наташа Мијатовиќ-Мијата, кои пред една деценија се претставија на првиот „Идол“ на Балканот во Белград. Малата велешанка, колку со својот глас, толку и со својата несекојдневна позитивна појава, со помош на публиката заслужено стигна до финалето.
– Секое чудо за три дена. Денес си на врвот, утре на земја и се чудиш како си дошол таму. Во Македонија има многу таленти, млади, неискусни, што не размислуваат што натаму ако им се укаже шанса за да направат нешто убаво и да бидат среќни – вели Ноне.
Ноне им препорачува на сите што имаат талент и сакаат да покажат што имаат, да бидат психички подготвени за тортурата што им следи.
– Немојте да се трудите да изградите пејачка кариера – нема пари од тоа! – вели Ноне.
Дека излегувањето од вештачкиот меур на шоуто е полошо и од бродолом, се согласува и уште еден македонски претставник. Александар Белов, кој во првото и единствено издание на балканското реално и музичко шоу „Операција триумф“ ја имаше најголемата поддршка од публиката, смета дека среќата, упорноста и борбата за себе се клучни во периодот веднаш по завршувањето на шоуто.
– Мислам дека сите треба да го сфатат тоа како шоу-бизнис, тоа се проекти што прават инстант- ѕвезди, кај нас сите тие проекти се одржуваат речиси секоја година, се крева многу голема еуфорија додека траат и после, како што досега се случува, за краток рок ќе почне нов проект и продукциите се посветуваат на новиот проект и на новите таленти – вели Белов.
Според него, таквиот тип шоу е добар почеток за секој што сака да се занимава со музика. Сепак, Белов вели дека популарноста што настанува преку ноќ има и добра и лоша страна.
– Добро е што преку ноќ поголем дел од јавноста дознава за твојот талент и стануваш актуелен, т.е. присутен во медиумите. Се постигнува популарност на туѓи песни и многу лесно можеш да допреш до публиката и да те засака, но по завршувањето на тие шоуа, многу е тешко да застанеш на здрави нозе – продолжува тој.
Белов вели дека инстант популарноста може да се искористи само ако по завршувањето на шоуто зад талентот застанат вистински професионалци.
Александар Тарабунов и Бојан Стојков, пак, овој пат го изодија преку Бугарија. Искуството од „Идол“ за Тара е најдоброто нешто што му се случило бидејќи тогаш почнал да му се остварува сонот – да пее.
– Секој од нас има свои пет минути во животот и треба да го зграпчи најдобро што може, но доколку ги испушти поради немање искуство или други фактори, се учи од грешките и кога навистина нешто сакаш и имаш визија, веруваш во тоа, па со работа се постигнува сѐ – вели Тарабунов.
Македонските менаџери – приказна за себе
– Сите што се нарекуваат менаџери ги упропастуваат талентираните деца. Прво им нудат милион работи само за да потпишат договор, а главното, пари, не им го нудат. Тие се залажуваат со 100 евра што ќе ги заработат од тезга и се среќни со тоа. Но, не ги обвинувам и јас размислував исто – раскажува Ноне.
Иако реши и издржа во одлуката целосно да ја напушти македонската музичка сцена, тоа не значи дека таа се откажа од музиката.
– Да не бидам многу негативно настроена. Сакаш да пееш, оди пеј! Ако не ти оди од рака поради глупави организаторски настани и алчни луѓе околу тебе, секогаш можеш да работиш нешто друго, на пример на брод, како мене. Ем можеш да си пееш, ем да си работиш, ем пари да си имаш. Па, нека зборуваат колку што сакаат, јас си шетам, а тие ме озборуваат – вели на шега пејачката.
Според Тара, се случува продукциските куќи по завршувањето на шоуто буквално да гледаат само да заработат преку изведувачите.
– Мене лично ми беа понудени договори да работам во Бугарија и во Англија, но јас реков дека ќе се вратам во Македонија за прво да изградам кариера тука. Ако те прифатат во твојата земја, тогаш има шанси да успееш и надвор – смета Тарабунов.
Според Белов, пак, секој работи за да заработи. Тој вели дека никој од менаџерите не би почнал соработка со некого само за да му ја уништи кариерата.
– Има разлика од менаџер до менаџер! Некои се вистински професионалци (што се многу ретки кај нас), а некои не се (што ги има премногу), така што неуспехот може да биде реален само ако кариерата по завршувањето на шоуто ја продолжиш со вторите – вели Белов.
Тој својата кариера по „Операција триумф“ ја довери на продукцијата „План Б“ и на менаџерот Кристијан Стефановски.
– Едноставно во животот некогаш правиме погрешен избор, но тој избор нѐ учи што треба да не правиме натаму. Со „План Б“ и со Кристијан, што е и нормално како во секоја работа, има моменти кои биле одлични, а некои не биле и можеле да бидат изведени поинаку – смета Белов, кој вели дека иако веќе не работат заедно, тие се во коректни односи.
Тарабунов и Белов сѐ уште веруваат во македонската музичка сцена и во својот придонес.
– Мене ме радува што полека, но сигурно македонската музика се буди од зимски сон, се инвестира во музиката и мислам дека овие неколку години што следат ќе се родат многу хитови, кои ќе останат да се пеат и натаму – завршува Тарабунов.
Советот што Пол ван Дајк му го кажа на Тарабунов
Македонскиот пејач се запозна со светски познатиот диџеј за време на шоуто во Софија. Советот на Пол ван Дајк е нешто што Тарабунов го памти и ден-денес.
– Патот до успехот е тежок и трнлив. Со многу работа го постигнав овој успех бидејќи потекнувам од германско село и ја немав таа брза поддршка што ви ја нудат и преку ноќ прават ѕвезди од вас, а вие се претставувате со веќе докажани светски хитови, а не со ваши песни. Убаво е што ги промовирате вашите квалитети на најдобар можен начин, но за мене прав изведувач и уметник е тој што после шоуто ќе остане на нозе, ќе биде уникатен и кој народот ќе продолжи да го слуша. Треба да имаш верба во себе – го советувал Ван Дајк.
И тројцата некогашни фаворити велат дека не се каат за ништо. Тие, можеби, најдобро од сите ја почувствувале суровоста на бизнисот, но и народот, пред сѐ.
Менталитет или карактер, приказната за она на што е изложена секоја јавна личност најдобро ја завршува Ноне.
– А, народот колку е суров и поган, тоа е чудо… пуздер прави… ти ќе направиш десет добри дела и една грешка, а тие ќе се фатат за грешката и ќе те направат да се чувствуваш помал и од зрно – заклучува Ноне.
(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 75. број на неделникот „Република“, 7.02.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.