Денеска е последен ден во кој пензионерите можат да поднесуваат барање за користење бањско-климатска рекреација за 2014 година.
Барањето за користење на услугата се поднесува во филијалите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, а изборот на корисниците на пензија коишто ќе користат услуга на бањско-климатска рекреација за 2014 година ќе го врши Комисија за разгледување и рангирање на корисници на пензија за бањско- климатска рекреација, составена од претставници од повеќе институции.
При рангирањето на корисниците на пензија ќе се има предвид фактот дали пензионерот ја користел услугата во 2010, 2011, 2012 или во 2013 година, односно тие што претходно ја користеле услугата нема да можат да ја користат и во 2014 година. На тој начин се отвора можност на други корисници да бидат соодветно рангирани и да ги користат услугите од овој проект.
Списоците со податоци за корисници на пензија коишто ќе ја користат услугата за бањско-климатска рекреација ќе се објават на веб-страниците на Министерството за труд и социјална политика и на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, најдоцна до петти март оваа година. Корисниците коишто ќе ја користат услугата ќе добијат и известување за терминот и бањата каде што може да ја користат услугата.
Услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од втората половина на март до ноември 2014 година, во траење од седум дена. За услугата бањско климатска рекреација заклучно со 12.2.2014 година, поднесени се 18.165 барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



