Вистинско шоу на мраз приредија фаворитите за медали Русија, САД и Финска, во премиерните натпревари за овие три селекции, на хокеарскиот машки турнир во Сочи на ЗОИ.
Најефикасна беше Финска со дури 8 погодоци во мрежата на австриските голмани, а дуелот заврши со резултат 8-4. Интересно е што само Имонен кај Финците постигна два гола, а имаше уште шестмина хокеари што се запишаа во листата на стрелците. Најефикасен на мечот беше австрискиот репрезентативец Грабнер со 3 погодоци.
Дуото Овечкин и Малкин одлично соработуваше во првата победа на Русија, против Словенија со 5-2. При првите два гола што беа нивно дело, тие си прокнижија и по една асистенција, а подоцна им се приклучија и расположените Ковалјчук, Никушкин и Белов со по еден гол. Малкин забележа вкупно 3 поени, со еден гол и две асистенции. За Словенија двата гола ги постигна Јеглич.
Најголемо изненадување на стартот од натпреварите на хокеарскиот турнир е дебаклот на Словачка од САД со 1-7.
Поразот не е неочекуван, но е превисок за реномето на Словаците, чија репрезентација е составена претежно од играчи од НХЛ. Стасни двапати им ја затресе мрежата на Словаците, а ефикасни беа и Кесел, Карлсон, Кеслер, Бејкс и Браун. Почесниот погодок за Словачка го даде Татар.
Вечерва од 18 часот бранителот на златото, Канада, ја почнува одбраната на круната против Норвешка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.